Здружението на контролорите на летање на Македонија (ЗКЛМ) денеска соопшти дека дава целосна поддршка на барањата на Струковиот синдикат на контролорите на летање кој најави штрајк за 12 октомври и истакнува дека се поклопуваат со целите и програмата на ЗКЛМ.
-Најавениот штрајк од ССКЛ е кулминација на претходните наши континуирани заеднички барања за подобрување на целокупното функционирање на М-НАВ, чија примарна цел е овозможување на безбеден авио-сообраќај на небото над Р.С. Македонија и регионот. Овие наши заеднички барања се интензивираа во последните година и половина, за што се доказ бројните дописи до менаџментот, бидејќи условите во кои работиме се повеќе од срамни за компанија од оваа индустрија, наведува ЗКЛМ.
Ние, контролорите на летање и помошниците на контролорите на летање, стои во соопштението, работиме во супстандардни услови 24/7, речиси непостоечки набавки на инвентар кој се користи и амортизира 365 дена во годината, со застарени системи за вентилација на воздухот, ладење и греење кои не се сервисирани долги години, недостаток и рестрикции на вода, што е основна човечка потреба, односно услови кои го загрозуваат нашето здравје.
И покрај сето горенаведено, наведува Здружението, само со соработка помеѓу работничкиот колектив успеавме најпрофесионално да ги исполнуваме сите работни обврски и задолженија, иако тековно сме подложни на разни проверки на компетентност, лекарски прегледи, задолжителни стручни усовршувања и обуки според светски и европски стандарди.
-Опслужуваме обем на авиосообраќај кој континуирано се зголемува, кој за жал се води со застарен и технолошки ограничен систем за контрола на летање, што создава само дополнителен стрес и притисок во работата на контролорите и помошниците контролори на летање, а истовремено сме сведоци на долгогодишно неодговорно менаџирање со ресурсите што доведе до создавање на нечовечки услови, деградирачка и крајно немотивирачка атмосфера на работа. Токму поради овие причини застануваме покрај ССКЛ и ја поддржуваме одлуката на Синдикатот за штрајк, а воедно бараме од менаџментот на М-НАВ да се воздржи од лични напади кон поединци како и да покаже достоинствен третман кон контролорите на летање, помошниците контролори на летање, а и сите останати професионалци и оперативен персонал. Како што неуморно ве водиме низ нашето небо, така ќе се бориме за нашето достоинство!, истакнуваат од ЗКЛМ.
Како што најави претседателот на Струковиот Синдикат на Контролорите на летање Александар Тасевски, штрајкот ќе се одржи на 12 октомври и во периодот од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови на Скопскиот и Охридскиот аеродром.
Тасевски за МИА изјави дека бараат „да престане непрофесионалното однесување од директорите во однос на процесите за вработувања, внатрешни прераспоредувања, услови за работа и опрема која треба да се имплементира за да се модернизира системот за работа“.
-Да престане хаотичното однесување и да се однесуваат професионално, а контролата на летање да си го добие своето место и во рамки на балканските контроли на летање и во Европа. Во служби што се превработени се зголемува бројот, се распишуваат конкурси што траат по три дена, а лицата што ги ангажираат на тие работни позиции не можат да одговорат на потребите на работниот процес, што потоа се користи како изговор пак за дополнителни вработувања, вели Тасевски.
Менаџментот на М-НАВ, пак, во соопштение оцени дека изјавите на Тасевски „се тенденциозни, не ја кажуваат вистинската слика на работење во М- НАВ и прават опструкција на проефесионалното работење на М- НАВ, која е сериозна компанија и го менаџира авиосообраќајот над нашето небо“.
-М- НАВ е институција која работи по највисоки европски и светски стандарди за управување и контрола на воздушниот сообраќај. Оваа година бележиме историска година со зголемен сообраќај над 20 проценти споредбено со 2019 година (најдобра година пред кризата од КОВИД – 19) и со домаќинско работење на УО сме ги сервисирале сите обврски кон вработените, вклучувајќи ги и задржаните плати и креираната загуба од КОвид периодот. Во последните три квартали од оваа година бележиме помали трошоци од планираните во вкупен износ од 1.5 милиони евра и соодветно ќе продолжи во четвртиот квартал. Со тоа создадовме финансиски предуслови за зголемвуање на платите за вработените до 10 проценти за последниот квартал како и пет проценти од наредната година во согласност со Спогодбата потпишана со репрезентативните синдикати. Оваа негативна и лоша тенденција која е лична иницијатива за свои интереси од Претседателот на синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, е само показател на лични интереси во негова корист, а додека другите вработени кои не се консултирани за неговите изјави и постапки, кои според свои интереси ги злоупотребува и според тоа прави штета на М- НАВ, наведоа од М-МАВ.
Во периодот од јануари до август годинава на двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид се регистрирани 2 049 157 патници Ова, според евиденцијата на ТАВ Аеродроми, претставува пораст од 32 проценти споредено со истиот период во 2022 година, додека споредено со 2019, референтната година во авијацијата, статистиките во авиосообраќајот бележат 15 проценти зголемување на бројот на патници. Во осумте месеци од годинава реализирани се 15.344 летови, или 20 проценти повеќе летови од 2022, односно четири проценти повеќе споредено со 2019 година.