Грчката компанија PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece, односно ППЦ-Архиродон е избраниот концесионер по објавениот меѓународен јавен повик за изградба на еден од најголемите проекти во енергетиката и во производството на електрична енергија кај нас, хидроцентралата Чебрен.
Владата на 185-тата седница, донесе Одлука за избор грчката компанија, како носител на најповолната понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река.
Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години. Постојниот Јавен повик е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река.
Хидроцентралата Чебрен е инвестиција по принципот на јавно-приватно партнерство, во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата.
Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. ХЦ Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.
По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае 7 години.
Чебрен е од исклучително значење за енергетската транзиција на Северна Македонија и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделие и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот.