Државниот инспекторат за заштита на животната средина бара од Основниот суд во Штип да поведе прекршочна постапка за Друштво за производство, трговија , угостителство, сообраќај и услуги САНС–АГ ДООЕЛ Штип, поради кршење на Законот за животна средина.
Компанијата, која е актуелна последните месеци по наводите за наводно издавање на фиктивни фактури, преку кои се продавал канцероген мазут оди на суд за сосема друго дело од тоа што и’ се става на товар. Според Инспекторатот, сторен е прекршок по член 200 став 4 од Законот за животна средина, а казнив по член 212-е став (1) точка (18) од истиот закон, “, односно САНС-АГ не постапил согласно издадено решение од Државниот инспектор за животна средина“.
-Со ова решение, Инспекторатот бара штипската компанија сама да го отстрани опасниот отпадот од местото, да го исчистат и да ги ослободат просториите, објасни Дарко Блинков од ДИЖС.
Доколку судот издаде прекршочен налог, законски пропишани се глоби од 25.000 до 28.000 евра за правното лице и 1500 евра за одговорното лице.
Меѓутоа, оваа постапка не го решава административниот лавиринт околу оваа компанија, за која се крена прашина откако војниците во Криволак реагираа за здравствени проблеми од чадот од топењето на гуми. САНС-АГ работи на добивање на гориво преку пирулиза, односно топење на отпадни гуми од возила во објект, кој се наоѓа во близина на воениот полигон Криволак.
Инспекторите за животна средина утврдија дека инсталацијата не е целосно изведена, поради што процесот не е затворен, а согорувањето на гуми и пластика, кои се канцерогени, завршуваат слободно во воздух.
Иако САНС-АГ не работи повеќе од две години, се’ уште е активна еколошката Б интегрирана дозвола, издадена од Општината Штип. Како што потврдија од таму, оваа дозвола истекува за неколку месеци. Компанијата може да побара продолжување на дозволата според законската процедура и при тоа да достави елаборат со кој ќе потврди заштита на животната средина.
Но, останува прашањето, зошто ако капацитетот загадува, дополнително не работи повеќе од две години, ниту една институција не му ја одзела еколошката дозвола?
ТВ Телма во серија пишуваше дека биле откриени фалсификувани фактури на кои како предмет на продажба стои „тешко масло за ложење мазут М1“ иако такво течно гориво не постои во македонската регулатива. Од увидот во фактурите телевизијата објави дека на нив пишувало оти САНС АГ продава производ на компанијата РКМ на Ратко Капушевски.
На една од фактурите било напишано дека е тоа тешко масло за ложење, додека на другата фактура има дополнување и е додаден и зборот мазут, гориво што било префрлено во кавадаречки „Фени“.
В.К.