Во Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје денеска беше отворен Центар за фетална медицина. Станува збор за донација од Република Грција и од професорот Кипрос Николаидес.
Министерот Фатмир Меџити оцени дека ова е напредок во осовременување на здравствениот систем.
– Новиот оддел на Клиниката за гинекологија и акушерство, опремен со современи апарати за дијагностика и фетална терапија, ќе овозможи ран скрининг кај трудниците, што од друга страна, значи редуцирање и намалување на перинаталниот морталитет и морбидитет. Како резултат токму на развитокот на феталната медицина на оваа клиника имаме значителен пад на бројот на мртвородени, што во иднина со помошта на овој центар, уверен сум дека уште поубедливо ќе го продолжи овој тренд, нагласи Меџити.
Апаратите, како што појасни министерот, овозможуваат следење на плодот во текот на неговиот развој како и детекција на сите можни показатели, кои може да доведат до несакани последици.
„Нашите кадри ќе бидат обучувани од врвни експерти коишто ќе ги обезбеди Фондацијата за фетална медицина. Фондацијата ја обезбеди и неопходната опрема за реализирање на целата програма, што вклучува и два апарата за ултразвук, кревети, компјутери, софтвер и сѐ што е потребно за опремување на Одделот за фетална медицина“, истакна Меџити.
Директорката на ГАК, Викторија Јовановска кажа дека оваа клиника е централно породилиште, a воедно и најголем и најсовремен центар за дијагностика на патолошки состојби кај бремените жени во нашата држава.
– Отворајќи го овој Центар за фетална медицина, го отвораме единствениот дијагностички центар за најтешките облици на патологија кај мајките и плодот“, посочи Јовановска.
Како што додаде таа, потврда за лидерската позиција на клиниката се и досегашните резултати на превенирање на ризикот кај пациентките, со што навремената дијагностика овозможи помал број на смртни случаи кај плодот и мајките.
– Ова е центар во кој ќе се едуцираат сите доктори акушери од нашата држава. За таа цел, изразувам голема благодарност до грчката влада и до професорот Кипрос Николаидес. Воедно, ја изразувам и својата благодарност до премиерот Димитар Ковачевски и до министерот за здравство за несебичната поддршка за континуираното работење на клиниката, посебно во изминатите три години на пандемија, рече Јовановска.
Претседателката на Асоцијацијата за фетална медицина, Ана Данева Маркова изјави дека се надева оти со професорот Кипрос Николаидес, со кого го почнале овој проект, во иднина ќе го продолжат развојот и подобрувањето на феталната медицина во нашата држава.
Професорот Кипрос Николаидес се осврна на соработката меѓу владите на двете земји, а задоволство од денешниот настан изрази и амбасадорката на Република Грција во нашата држава, Софија Филипиду.