Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во нејзиниот годишен говор за состојбата на Европската унија денеска изјави дека е потребна визија за успешно проширување, која се заснова на заслуги и која треба да се одвива паралелно со процесот на продлабочување на Европската унија.
Taa повтори дека иднината на Украина, Западен Балкан и Молдавија е во ЕУ.
„Во свет каде што некои се обидуваат да ги пикираат една земја по друга, не можеме да ги занемариме нашите европски сонародници. Во свет каде големината и тежината се важни, комплетирањето на ЕУ е недвосмислено наш стратешки и безбедносен интерес“, рече фон дер Лајен.
Таа најави дека извештаите на Европската комисија за владеење на правото, кои сега се прават за земјите членки, ќе бидат направени и за земјите кандидати кои побрзо ќе се усогласат, што ќе овозможи рамноправна позиција во однос на членките и ќе обезбеди поддршка во спроведувањето на реформите.
Членството не се постигнува лесно, истакна Фон дер Лајен и додаде дека е потребно многу работа и добро лидерство.
„Пристапот се заснова на заслуги и Европската комисија секогаш ќе го брани тој принцип“, нагласи претседателот на Комисијата.
Таа додаде дека државите кои се кандидати за членство покажале решителност за спроведување на реформите и дека сега е моментот и ЕУ да ја покаже истата решителност и дека треба да размисли како да се подготви за комплетирање на Унијата.
„Мораме да ги надминеме старите, бинарни дебати за проширувањето. Не станува збор за продлабочување или проширување на Унијата. Можеме и мораме да ги постигнеме двете. Секој бран на проширување донесе политичко продлабочување“, рече таа и изрази уверување дека идното проширување мора да биде катализатор за напредок.
Урсула фон дер Лајен рече дека ЕУ може да функционира со повеќе од 30 членки.
„Не можеме и не треба да чекаме промени на Договорот за ЕУ за да продолжиме со проширувањето. Подготвеноста на Унијата за проширување мора да се постигне побрзо и да одговориме на практични прашања за тоа како Унијата со повеќе од 30 членки ќе функционира во пракса“, изјави Фон дер Лајен.
За таа цел, додаде таа, неопходно е да се погледне како пошироката Унија ќе влијае на секоја нејзина политика и да се работи на ревизија на политиките пред проширувањето за да се види како секоја област ќе се прилагоди на проширената Унија, вклучувајќи ја работата на институциите на ЕУ и иднината на буџетот.
„Европа одговара на историскиот повик. Историјата сега не повикува да работиме за да ја завршиме нашата Унија“, рече Фон дер Лајен во нејзиниот годишен говор за состојбата на Европската унија.
Во своето обраќање пред пратениците во Европскиот парламент, при што зборуваше за постигнатите успеси и идните планови, Фон дер Лајен на крајот од говорот зборуваше за проширувањето, посочувајќи дека Унијата може побрзо да се подготви за проширување и дека може да функционира со повеќе од 30 членови.