Употреба на прекумерна физичка сила и малтретирање на приведен, констатирал Одделот за внатрешна контрола во постапувањето на тројца полициски службеници од Штип.
Настанот е од 1 септември, кога Г.Ф., И. Х. и Б.Н., полициски службеници во СВР Штип вечерта во 21 часот го привеле во полициската станица Б.Н., и го задржале во просториите на СВР Штип. При тоа, како што констатира истрагата, полицајците неосновано и прекумерно употребиле физичка сила.
На тројцата им е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 ст.1 од КЗ на РСМ.
Како што соопшти МВР, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе бидат преземени мерки согласно одредбите од Колективниот договор.
На социјалните мрежи деновиве можеше да се прочита објава со имињата на полицајците, кои го малтретирале притвореникот. Според овие пишувања, полицајците го претепале Б.Н., кој завршил со две скршени ребра. Тројцата полицајци се пријавени со обезбедена медицинска документација.