Поранешната пратеничка, Билјана Казанџиска е назначена за нов државен секретар за образование од страна на ресорниот министер, Јетон Шаќири.
Казанџиска која има работно искуство од 34 години во дејноста на образование, уверува дека ќе придонесе да се подобри позицијата на сите наставници и да се спроведат претстојните образовни реформи.
„Позицијата државен секретар е една од највисоките функции во делот на администрација, одговорен за спроведување на сите реформи, на сите концепции, за подобрување на позицијата на наставниците, обнова на училиштата, значи сите оние сегменти кои ги опфаќа оперативната работа во делот на образованието“, вели во изјава за ММС, Казанџиска.
Според неа, наставниците секогаш се плашат од нешто ново, но со тек на време согледуваат дека сите предизвици пред кои тие се исправени, се за доброто на ученикот.
„Секогаш ученикот го има најважниот статус бидејќи ние сме таму за нив. Ќе се борам да имаме што подобро образование, да навлезат што поквалитетни програми и секој ученик да биде порастеретен во делот на обврските. Училиштето треба да биде место каде што ученикот ќе биде среќен за да чувствува задоволство што ќе оди, а не да му биде товар“, додава Казанџиска.
Со оглед дека наскоро почнува и академската година, таа вели дека и високото образование сѐ повеќе се дигитализира.
„Мислам дека на нашите универзитети и запишувањето и полагањето испити, сето тоа е дигитализирано и веќе човечкиот фактор веќе не е пресуден за упис на студенти, тоа го прави системот. Секогаш ќе се трудиме да го осовременуваме и високото образование. Универзитетите си имаат своја автономност, но ние како министерство ќе им бидеме партнери за да ги спроведуваме заеднички сите реформи“, заклучува Казанџиска.