Пензионери од Свети Николе денеска го блокираа патот кон Штип, ова е втора блокада. Пред седум дена го блокираа патот кон Куманово. Тие и денеска побараа линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари. Трајче Стаменов, член на Иницијативниот одбор на пензионерите кои протестираат во Свети Николе, изјави дека на денешните протест и блокада, донесени се пет заклучоци.
– Под број еден, прво е покачување на пензијата, линеарно 3.500 денари на сите пензионери и да не манипулира министерката дека на оние кои се со најниската пензија се зголемува размакот меѓу најниската и највисоката. Тоа не е точно ние бараме 3.500 денари, на оние кои имаат најниска пензија и на оние кои имаат највисока. Второто барање е оставка доколку не ги исполнат барањата и тоа на министерката, Тренчевска, на претседателката наша на пензионерите, од Здружението на пензионери и на нејзиното раководство, рече Стаменов.
Меѓу барањата се и да се направи ревизија во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и во Здружението на пензионери, потоа да имаат бесплатни лекови и како што посочи Стаменов, петтото барање е доколку не се исполнат овие барања, Владата да си поднесе оставка. Светиниколски пензионери најавија дека протестите и блокадите ќе продолжат.
Денеска со автомобили и трактори во времетраење од еден час го блокираа јужниот влез и излез на градот Свети Николе. МИА