Во Недела, на 27.08.2023 година со почеток во девет часот во Берово ќе се одржи “Штрапаријада”, настан од натпреварувачки карактер на кој коњи се присилуваат на влечење на трупци. Под изговорот дека се работи за одржување на спортски настан,сведочиме на мачење на животните, на една суровост и примитивизам кој до краен степен ја нарушува нивната благосостојба.
Ова во соопштение го најави Здружението за заштита на животните од Берово, од каде испратија и видео, на кое, како што велат, се гледа како се мачат коњите.
Во соопштението понатаму се вели:
-Ако само го погледнете видеото од Штрапаријадата одржана минатата година или истата од 07.05.2023 година, во истата организација, ќе посведочите на крајно нехумано и сурово однесување спрема животните од страна на учесниците, проследено со влечење, тепање, присилба на коњи која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност. Колку повеќе коњот се мачи, непрега да влече трупец неадекватен за неговата физиономија, колку повеќе страда, толку е поголемо задоволството кај публиката, што е крајно загрижувачки.
Законот за штита и благосостојба на животните во членот 4 јасно предвидува дека:
“Во секој можен случај и под секакви околности, секој треба да дејствува на хуман и грижлив начин кон животните“.
“На животните треба да им се обезбеди нормално однесување имајќи го во предвид видот, старосната категорија и нивните физиолошки и етолошки потреби.”
“Забрането е присилување на животните на работа која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност.”
Членот 233 од Кривичниот законик определува дека: “Тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“
Организаторот и учесниците не само што со своите дејствија вршат кривично дело, целиот овој настан од почеток до крај е проследен со бројни пропусти, односно се работи за една бесправна импровизација во секој поглед.
Организаторот нема никакви правила за одржување на настанот, никаква организациска поставеност, настанот се одржува без склучен договор со правно лице за обезбедување на истиот, без присуство на Итна помош, без потпишан договор со ветеринарно друштво кое би било присутно со оглед на тоа дека главни учесници се животни.
Организаторот притоа спротивно на закон, врши нерегистрирана дејност, односно продава билети, храна и пијалоци, без дозвола од надлежен орган.
Потеклото на труповите кои се користат и после одржувањето на неколку настани од ваков тип е непроверено, односно прашањето : Дали сечата на труповите кои се употребуваат на настанот е извршена легално, односно дали организаторот поседува документација за сечата и вршење на транспорот до сега никој од надлежните го нема одговорено, иако сето ова им се случува пред очи.
И за крај, Општината,поради само за неа познати причини,целосно е индиферентна по однос на овој настан, односно се иззема од било каква надлежност иако овие примитивни, сурови и целосно непотребни случувањ оставаат многу лоша слика за истата пред очите на светот.
Штрапаријадата во Берово е само уште еден доказ за целосно нефукционирање на системот, за целосно игнорирање на случувањата на надлежните институции, кои не што не постапуваат по службена должност што е нивна законска обврска, туку и не реагираат соодветно и кога ќе им го посочиш проблемот. Вакво недозволиво однесување и безредие на мала група на луѓе, кои со секоја своја постапка кршат закон не би била можна кога институциите на системот би си ја вршеле работата за која се платени.Отсуството на институционална реакција и санкција е само повод плус за ваквото нехумано однесување, примитивизам, свирепост да се повторува речиси на секојдневна основа, притоа оставајќи една непосакувана слика за државата пред очите на светот, како да сме далеку од очекуваната цивилиазација и развој за 2023 година.
Настанот и во минатото и сега е пријавен од сите здруженија за заштита на животните.