Дино Мерлин последниве недели е една од главните теми на овие простори затоа што во рекорден рок ги распродаде трите концерти закажани за ноември во Белград и веќе закажа уште еден.
Сепак и покрај ваквиот успех, околу него има и помалку убави случувања, за кои новинарската екипа на српски курир разговараше со него. Всушност, станува збор за петицијата (која во меѓувреме беше повлечена) со која се бараше забрана за одржување на неговите концерти бидејќи наводно ги навредил Србите. Во продолжение, дел од ексклузивното интервју:
Веќе се пуштени во продажба билетите за вашиот четврти концерт во Белград. Дали за вас беше очекуван ваквиот интерес на публиката, сепак осум години немате пеено во Белград?
Да бидам искрен, горд сум. Ова е навистина целосно неочекувано и многу сум им благодарен на сите кои ми укажуваат ваква чест не само мене, туку и на моите песни. Се надевам дека ќе ја оправдам оваа огромна доверба на мојата публика. Колку и да е можно, се обидувам да се фокусирам на оној најважниот, креативниот дел.
Дали ќе има рекорд за шест Арени, рекорд кој сега го држи Здравко Чолиќ?
Не размислувам на тој начин. За мене ова не е прашање на рушење рекорди, ова не е атлетика. А што се однесува до Здравко Чолиќ, тој е идол од мојата младост. Имав чест да го запознаам, а потоа и да станеме куќни, но и деловни пријатели. Можете да замислите колку го сакам и почитувам, што покрај интензивната работа на мојот нов албум, паралелно работам и на неговиот и имам убави вести. Наскоро ќе излезе песна која јас ја напишав за Чола, многу сум горд на неа и баш убаво му прилега. Сите сме возбудени и едвај чекаме публиката да слушне како би звучело тоа.
Неодамна бевме заедно и разговаравме за сѐ. Меѓу другото, ми зборуваше како уште во далечната 1972 сосема случајно се пријавил на познатиот фестивал за забавна музика во Сараево „Ваш шлагер сезоне“ и победил со песна на Кемал Монтено, по што инстантно станал ѕвезда.
Јас тогаш бев момче од десет години. И еве сега нешто размислувам, од завршетокот на онаа војна, колку биле луѓето полни со оптимизам, со креатива и позитива, па со раширени раце ја чекале иднината. А видете сега – истиот тој временски период од 28 години, од ’95 па до сега, колку луѓето се хранат со омраза. Каков пораз. Ете само една паралела за размислување.
Сигурно сте виделе дека луѓето почнаа да потпишуваат да се забранат вашите концерти во Белград и да ви се забрани влез во Србија. Што мислите за тоа?
Мал или немал број на изманипулирани луѓе – сеедно. Тоа и понатаму се изманипулирани луѓе. Вие можете да возите и Формула 1 со 300 на час, но ако возите во погрешен правец, не сте на добар пат. Кога некои крајно злонамерни манипулатори ќе споделат нешто вакво малициозно за изјаснување, тогаш обичниот човек кој чита само наслови реагира како што реагира – не проверува, само ќе кликне бидејќи за клик не треба голем труд. Искрено кажано, жал ми е за луѓето кои се изјаснуваат врз основа на вакви невистини. Но јас сум убеден дека мнозинството ги отфрла ваквите слични петиции и иницијативи кои нанесуваат ненадоместлива штета во целото општество. Секако дека ми е драго што и петицијата во меѓувреме беше повлечена. Јас тоа го очекував и тоа беше единственото праведно нешто.
Во петицијата како причини за споменатите забрани се наведуваат реченици кои ви се припишуваат Вам, а тие гласат: „Можеби би требало да се отиде до Белград бидејќи Србите се болесници, а болесниците треба да се посетуваат, потоа „Во Белград ќе дојдам само кога ќе биде срамнет со гранати“ и „Србите треба да се отстранат со пушки“. Дали некогаш сте кажале вакво нешто?
Не ми е првпат да се изјаснувам на оваа тема. Некои бескурпулозни луѓе упорно сакаат да ме прикажат онаков како што не сум.Значи кога и да настапувам во Белград континуирано рециклираат еден ист наратив и упорно манипулираат, спинуваат, фалсификуваат. Вакви слични и срамни деградирачки клевети и навреди на моја сметка, морав да ги оспорам и на суд. По петгодишно судење, Вишиот суд во Белград донесе правосилна пресуда во 2020 година, која потоа беше потврдена од страна на Апелациониот суд во Белград.
Во образложението кое е дел од пресудата, е заклучено следното: „Недозволено е на Дино Мерлин да му се припишуваат синтагми за болесни Срби, како и тој да биде опишуван како лице кое се прославило со антисрпски ставови со оглед дека во судската постапка не е утврдено оти тој некогаш дал изјави кои ги претставувале доказ за ваквите заклучоци. Објавените информации се нецелосни, непроверени, па со самото тоа и невистинити. Ставот на Судот е дека овие текстови се објавени со цел да се создаде анимозитет на публиката кон Дино Мерлин“.
Извор: kurir.rs