За многумина беше вистинско изненадување веста дека Васил Гарванлиев ќе учествува на „Охрид фест“. Тоа беше и повод за разгвор со него, кој дирекно од Америка ќе „слета“ на сцената на „Охрид фест“.
После толку многу сцени, вклучувајќи ја и евровизиската, 2021 година во Холандија, годинава, на 2 септември ќе те видиме на Интернационалната вечер на „Охрид фест“. Има нешто посебно во фестивалите, нели?
– Да, секој фестивал, натпревар има своја магија околу целата манифестација – енергија, музика, публика, место … листата продолжува. Честа да бидам дел од 30-тото изданије на „Охрид фест“ со толку важна и позната песна испеана во мој стил ми е доволен предизвик да застанам на таа сцена. Мене пред се, Охрид ми е многу драго место (дури би го ставил во Топ 5- Без змиите во вода, видеозаписите од „Ѓердан„ и „Приказна“ се најголема потврда за мојата љубов кон Охрид а воедно и негово претставување на мојата публика. Второ, маестро Копров, иако немаме заедничка песна беше еден од ретките во Македонија кој цело време ме поддржуваше, ми се јавуваше да ми честита за песна или проект и често знаеме да одиме на кафе кога сум во Скопје. Неколку пати разговаравме да бидам дел од „Охрид фест“ но самиот распоред до сега не го дозволи тоа. Трето, пред еден месец поминав една недела во Торонто и една во Чикаго со Давор Јордановски, каде што го привршувавме мојот прв “Cross-Over” албум чија промоција ќе биде во Скопје и Струмица во средината на септември.
Со многу почит и љубов кон уметноста ќе застанеш на сцената на Долни Сарај. Раскажи нешто за песната, кога и како настана, што те поврза со неа, едноставно- каква е „Јовано“?
– Да, секоја сцена си има своја магија без разлика каде и да е. Евривизиската не е најголемата сцена каде што сум настапувал до сега, но признавам дека сцена како Долни Сарај на „Охрид фест“ ми предизвикува трема и внатрешна турбуленција 1000 пати поголема од таа на Евросонг. „Јовано“ ми е една од двете омилени македонски песни која со години пробувам да ја направам “моја“ и да и дадам „Васил печат“. Имавме верзија за албумот со Давор која требаше да ја снимам во Торонто и кога ручавме со мајка му, пред да одиме во студио на глас реков: „Давор мислам дека ја имаме нашата Јована, само мора да ми веруваш и да ми влезеш во глава, хаха”. Ме погледна чудно без да каже ништо и кога отидовме во студио рече – „Васил, ајде да ја пробаме таа што ја имаме”. Му пуштив верзија што јас ја почувствував како своја, работејќи еден ден сам на неа во Чикаго и во очите му видов дека разбира што и каде сакам да одиме со неа. За 20-тина минути имавме структура на нашата Јована. Што ме поврзува со неа? Моќта на надежта – таа секогаш последна умира. Самата симболика на„ Гледај нагоре, бело платно, крај вода (Вардар), мајка.“
Каде си деновиве, каде те наоѓам, кои ти се обврските, плановите и дали сеуште остана верен на мислата дека- светлина привлекува светлина?
– Да, 100%, но имајќи на ум дека најсилните светла ги привлекуваат најгрдите бубачки, мора да знаеме како да ги ‘спржиме’ за уште посилно да блеснеме. Дома ми е Чикаго заедно со мојот Џејсон и трите “ќерки”- Есми, Кристина, и Шерон. Со промена на статусот за престој конечно почнав со настапи. Една од поканите беше да запеам пред почетокот и на полувремето на познатиот Стадион Soldier Field во Чикаго за време на фудбалскиот натпревар на Chicago Fire – единствено и уникатно искуство. Можам да кажам дека само што потпишав договор и се враќам на класичната сцена во 2024 како солист на Кармина Бруана и конечно ќе остварам уште еден сон – настапот ке биде во легендарната Kennedy Center во Вашингтон САД. Најголемиот сон кој го подготвувам скоро 10-ина години ќе биде изведен премиерно во Струмица и Скопје во средина на септември: Албумот “ВАСИЛ” – мултимедијален спектакл кој е мост на три музички жанрови во еден: Балкан, оригинал поп и класика на 7 јазици со камерен оркестар, хор, танчери, светлосни/видео ефекти и наративи каде преку песна ќе ја раскажам мојата имигрантска приказна…
Фото: Ристе Филипов