Директорите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов и Беким Максути, денеска беа на терен кај вештачкото езеро Глажња во општина Липково каде веќе неколку дена екипи трагаат по телото на 29-годишен локален жител кој влегол во водите на езерото по што му се губи трагата.
-Потрагата по 29-годишното момче кое минатата недела исчезна во водите на вештачкото езеро Глажња продолжува и денес. Шест нуркачи од Тигрите и осум нуркачи од Волците го пребаруваат езерското дно, а истовремено има неколку тимови на ДЗС, како и нуркачи на ДЗС. Се пребарува и под вода, но се пребарува и брегот на езерото, изјави директорот на ЦУК, Ангелов.
Тој нагласи дека полицајци од СВР Куманово асистираат при потрагата на брегот.
-За жал условите и денеска се лоши, видливоста е многу слаба. На само неколку метри од брегот длабочината доаѓа до повеќе од 10 метри за на неколку метри од брегот да има длабочина поголема од 20 метри. Нашите нуркачи се обучени и нуркаат до максимум 40 метри длабочина, прецизира Ангелов.
Директорот на ДЗС Максути, пак, порача дека заедничките тимови на ДЗС и на Министерството за внатрешни работи, како и доброволни друштва и тимовите кои се дел на Дирекцијата веќе неколку дена се во потрага по исчезнатото лице.
-Ќе продолжиме со потрагата с е до моментот додека не го најдеме телото. Се надевам дека денешниот ден и двата последователни денови се критични за да бидеме успешни, односно да го пронајдеме лицето кое исчезна во водите на езерото минатата недела и со тоа да ја заокружиме една хумана мисија за која сите ние сме тука за да им помогнеме на нашите граѓани, изјави Максути.
МИА