Судскиот совет за судија во Основниот Кривичен суд во Скопје го избра Кирил Ѓеорѓиев, дипломец од Академијата за судии и обвинители на јавниот оглас, преку кој требаше да се пополнат седум слободни места. Оваа би било само обична вест, доколку не би била драмата во позадина.
Имено, новоизбраниот судија е син на судијата во Врховниот суд, Наќе Ѓеорѓиев, кој не доживеа да седне во составот на Судскиот совет, телото, кој ги избира судиите. Наќе Ѓеорѓиев требаше денеска да даде свечена изјава како новоизбран член на Судскиот совет, но беше принуден да се повлече во интерес на неговиот син, кој беше на предложената ранг листа за судија во Кривичниот суд. Според медиските информации на изборот на синот, претходеле разговори со постариот судија Ѓеорѓиев дека не треба да се официјализира неговиот избор во Судскиот совет, па потоа на седница да се избере неговиот син за судија. Поради тоа, закажаната свеченост во Собранието, беше одложена. Со тоа Наќе Ѓеорѓиев официјално не е член на телото што денеска го избра Кирил Ѓеорѓиев за судија во Кривичниот суд во Скопје. Со тоа младиот судија ја зајакна семејната лоза во правосудството со татко судија и мајка обвинителка.
На денешната седница на Судскиот совет избра уште неколку млади судии со звучни презимиња. Сопругата на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, Симона Бубевска – Муцунски, беше избрана за судија во Основниот граѓански суд, додека снаата на Цветанка Иванова, секретар на Собранието, Билјана Иванова е новоизбрана судијка во Основниот суд во Струмица.
-Ова е подмладеното европско судство“ – констатира по изборот на новите судии, Сашко Ѓеоргиев, претседател на Судскиот совет.
Во првиот дел на седницата пред паузата, Судскиот совет избра судии и во неколку основни судови – во Битола, Тетово, Свети Николе и Струмица.
Во судот во Свети Николе нов судија е Драгана Илиоска. Во Битола Иван Колески, во Струмица покрај Иванова, избрани се и Катерина Тодорова и Костадин Ѓеоргиев. Во Основниот суд од Тетово нови судии се Бојана Тоиќ и Муса Реџеп, додека во Основниот граѓански суд – Скопје се избрани покрај Бубевска Муцунски и Кристијан Митревски, Лилјана Костојчиновска, Драган Петрушевски, Маја Каталиниќ, Андреа Апостолоска Малиновска, Пајтим Машкули и Јордан Јованов.
Во Основниот Кривичен суд избрани се седум нови судии. Покрај споменатиот Кирил Ѓоргиев, избрани се и Марија Беговиќ, Билјана Смаќоска, Драгана Исакоска, Драган Јосифоски, Ахмед Идризи и Фросина Стојаноска.