Здравје да има, тоа е најважно! Со оваа изрека на сите ни е полна устата, а најмалку мислиме на здравјето, сè додека не нè снајде мака. Причина за ова не секогаш се немањето пари, колку што е нервирањето од „маткање по болничките ходници“. Ретко кој оди да чука на лекарските врати, ако за тоа нема доволно голема причина. Освен тоа бегаме од јавното здравство, бидејќи „нема да те погледнат и ќе се изначекаш“, а бегаме од приватното оти ќе се „изнафрлаш пари“.
Но, не секогаш јавното здравство е најлошо, има таму совесни и пофесионален медицински персонал, кој го обелува образот на другите.
Такво искуство имала актерката Весна Петрушевска, кој пред десетина дена на Клиника оперирала жолчка, односно ја извадила жолчката, како што вели, преполна со камења. И ставот на Весна е тој, дека нашето здравје, за жал, го ставаме на последно место, но и дека на Клиника не е сè така црно.
Нејзината приказна за здравјето почнува кога пред некое време почнала да чувствува чудни симптоми, но, како и сите ние, така и таа ги игнорирала. Се до ден, кога тоа повеќе не можело да се издржи и требало да појде на лекар.
-Кога станува збор за себе си, немаш време, секогаш имаш други приоритети избегнувајќи ја темата за твојот лик и тешејќи се по пат со работи кои се важни, но не се толку важни колку што е здравјето. Ова што сега ќе го кажам, ќе го кажам за да знаат другите. Имав симптоми како срцева болка, па болки на грб, во гради, пулсирања, задишувања. И последните два месеци просто се надув како балон. Доктор Биљана, која многу ми помогна, ми рече- денес е вторник, денот кога ќе одиш на Клиника, од ходник во ходник за да се прегледаш. Па јас прв пат во живот, по 20 години, дадов крв, што секако не е за фалање. Кога човек не се грижи за своето здравје, не се сака ни себе си. Поминав по сите Клиники, рацете ми беа избодени. На ехо лекарот ми рече – извини, јас не сум на абдомен ама не можам да ја видам жолчката. Ја нема, вели Весна и додава:
-И тука се вклучи црвениот аларм. Отидовме на абдомен и ме прими д-р Огнен Костовски, кој дотогаш не го познавав. Видов млад доктор, па уште ми кажа дека е генерација на Тоше. Д-р Костовски беше брутално искрен и ми наброја четири битни фактори. Секако, и тој ме прати на други прегледи. Таму, пак, ме шашардисаа, ми рекоа дека жолчката ми е смалена, полна со камења. И не знам уште што ми најде другиот лекар. Со сите наоди се вратив кај д-р Костовки, кој ми рече дека мора операција. Дека во четвртокот нема место, и ми закажа за петокот, вели Бејби.
Почнувајќи од д-р Костовски, па понатаму Весна има само пофални зборови.
-Запознав многу специјализанти, се млади и амбициозни деца, успешни, паметни, да ти е мерак. Тоа се сè млади, кои, за жал, откако ќе им заврши специјализацијата ќе си заминат од државата. Тоа не треба да го дозволиме, бидејќи сите ми рекоа дека кога ќе завршат ако најдат нешто подобро ќе си заминат. Тажно е што ние ги губиме младите генерации. Еве почнувајќи од син ми, кој не сака да се врати. И овие деца ќе го испечат занаетот тука и ќе си заминат. Ќе останеме без млади доктори, што е многу поразително, вели таа.
Стравот го имаме сите ние кога треба да се оди на операција, па нормално не и било сеедно и на неа, ма колку и да изгледа тоа рутина. „Јас исплашена, а сите лекари и сестри ми велат не се секирај, за 15 минути готово. Не знаев дали ме тешат или е навистина така. Не си во состојба да процениш, во шок си“, вели Весна и објасни зошто не заминала во приватна болница.
-Во целата ситуација не ни помислив да одам на приватно. Јас два пати имам правено операција во приватни болници и искрено апсолутно никаква разлика нема. Најважно е кој те оперира и да му поверуваш на докторот. И искрено имав потреба да дадам подршка на сите доктори кои за време на короната, тој Клинички центар умре од работа.
Мислам дека со сила сакаат да го поттиснат, да го шутнат државното здравство, а реално сите сме луѓе и сите имаме право на еднаков здравствен треман. Секаде во светот државните клиники се први, број еден, па потоа се приватните. Само кај нас обратно. Тоа не треба да се случува зашто го имаат најдобриот кадар. Остави тоа што после 55 години одредени доктори се решаваат да одат во приватно здравство, веројатно сакаат малку да одморат, па и малку да заработат. Но, по цена да го уништиш здравството, да го ставиш да биде исцрпено е нехумано. Тоа навистина е една голема дамка, го имаат окупирано Клинички центар да не може да пркне како треба. А инаку персоналот е супер. Не само мене, туку на сите таму, на одделот кај што јас бев имавме комплетна нега, вели таа.
Кога ги завршила сите прегледи, на главната сестра Маја и рекла дека ќе дојде во петок наутро, пред операција. Но, секако, како што вели Весна „таа се шокира, рече ќе си дојдете во четврток, ќе одморите, ќе ви дадеме инфузија и ќе ве подготвиме за опарација“.
-Доктор Костовски, мојот доктор, да, да, мојот доктор, не го ни видов, имал многу операции. Помина во петокот наутро на визита и ми рече се гледаме попладне. Му реков- докторе, нели во 14.30 часот? А тој онака ладно ми одговори – и други има не си само ти. Хахахха … Таков е отворен и таков треба и да биде. Па јас имам трауми од операции од детство, не ги поднесувам ходниците додека те носат на операција.
Ама пред анестезија им реков – ве молам се да запишете што зборувам, дали против Влада, против некого, ако имам некој политички говор сè да запишете, за да го употребам после. Хахахах… По будењето имав многу болки. И кога го видов часовникот, еден стар од времето, портокалов, се почудив. Лекарот ми рече- па еден час и 45 минути траеше операцијата, тешко фиброзно ткиво, последици од претходните операции. Од стресови јас имам многу мал праг на толеранција на болка, не можам да издржам. До мене имаше едно девојче, околу 10 години. Јас кукам ме боли, а го слушам девојчето вели – мама, сакам кај мама. Ме врати кога Мина се оперираше, ме маваа некои флешови. Но, кога го видов детето си реков, јас потивко ќе плачам. Многу ми беше тешко првата вечер, додава таа.
Секоја операција е сама по себе тешка, не треба да се реалтивизира ништо, бидејќи сепак е орган во прашање. Но, после операцијата, по извадената жолчка полна со камења Бејби има само пофални зборови за д-р Костовски, но и за целиот медицински персонал.
-Што можеме ние да направиме освен да ја подигнеме свеста да одат сите редовно на прегледи и да не ја поценуваат Клиника. Тврдам дека нема врска дали си познат или не, третманот е ист за сите кога ќе влезат низ тие ходници. Јас наидов само на убав прием, на луѓе кои сакаа да ми помогнат во проблемот. Чувството на немоќ е многу страшна работа. Во тие моменти сфаќаш-да, јас сум борец за ментално здравје, борец за јазик, за држава, за детски права, против насилство, за сè сум јас прва. Но, некаде се забаворавив самата себе, се истуркав во позадина.
Сите мислиме дека ќе живееме вечно, а не е така. И навистина прво треба да се сакаш себе си за да можеш да ги сакаш и другите. Затоа мојот заклучок после ова што го изживеав е дека прво треба да се грижиме за себе. Не само јас, сите тоа треба да го правиме. А за доктор Костовски што да кажам, освен најдоброто. Има импресивно портфолио, јас тоа го дознав подоцна. Но, просто му верував, отворено ми кажа, брутално искрено. И исто така ми рече да ослабам 10 килограми и да не се грижам, дека нема да имам проблеми, рече таа и продолжи:
-Види јас не сум некој пушач или пијач, но знам да јадам благо, чоколади. А стресот и шеќерот играат огромна улога во здравјето. Највеќе стресот, а јас што не преживеав. Во филозофска смисла камења во било кој орган е наречено како скаменување на емоција. Таложиш во себе, таложиш, таложиш и тоа некаде мора да пукне. И сега кога ќе се изнервирам за било што само земам воздух и велам- кочи, доста е. Па не си семоќен, не можеш да ги смениш работите, вели Весна и тажно додава:
-Мене многу голем удар ми беше кога умре татко ми. Не ми е изжален уште. Знам често да отидам на гроб кај него и да се изнамуабетам. Јас многу го сакав. Тоа е како лузна која не може да ми зарасне, ми недостасува и тоа можеби највеќе придонесе за да се заокружи кругот на сите мои стресови, што сè не доживеав, вели таа и си вети дека отсега навистина здравјето ќе ѝ биде на прво место…
Весна Миленковска