Да го почитуваме аманетот што го оставиле нашите предци, вели Оливер Андреевски, кој со избраничката на неговото срце, Елисавета Булоска, годинава се младоженец и невеста на „Галичката свадба“.
Оваа традиционална манифестација ќе се одржи на 14, 15 и 16 јули во Галичник на планината Бистра, а токму оваа година се одбележува 60 години од нејзиното одржување.
Оливер (28) и Елисавета (31) живеат во Скопје. Тој работи во младинска организација, вели работиме со млади лица со попреченост, поврзано со култура и личен развој. Елисавета е дипломиран психолог и е самостоен психотерапевт. Живеат во Скопје, но како што велат и двајцата ги почитуваат традициите. Оливер по мајка е по потекло од Галичник, па иако се веќе скопјани, никогаш не престанале да го посетуваат.
-Дедо ми, на мајка ми татко потекнува од Галичник. Но, кога имал 12 години се преселиле во Скопје и тука останале да живеат. Како мал мајка ми ми раскажувала за свадбата на дедо и баба, сум гледал слики и сето тоа ми се допаднало. Ми се допаѓа културата, традицијата и обичаите. Затоа се запишав на играорна, па завршив средно музичко за традиционална музика и игра, потоа факултет за етнологија и антропологија. Сета таа мотивација потекнува од Галичник и сè што е културата, традицијата и обичаите таму, вели Оливер за ММС.
Младоженецот одамна бил сигурен дека еден ден, кога ќе се жени, венчавањето пред Бога ќе се случи во црквата „Св. Петар и Павле“, токму на Галичка свадба. Ја имал среќата да ја запознае Елисавета, на која оваа идеја ѝ се допаднала, бидејќи нејзините корени се од Охрид.
-Не бев сигурен, но секогаш верував дека доколку има вистинска љубов тоа не би претставувало пречка. Но, и секогаш има место за компромис. Ако се венчаваме во Галичник, можеби свадбената веселба би била во Охрид, бидејќи Елисавета е охриѓанка. Ние се знаеме повеќе шест години, во кои пет години бевме многу блиски другари. Мислам дека уште од самиот почеток, откога се имаме запознаено јас ѝ имам раскажувано за Галичник, за за „Галичка свадба“, за куќата што ја имаме таму. Мислам дека уште од кога ме знае дефиниција за мене е Галичник и беше подготвена дека ова ќе се случи, дека ќе предложам да се венчаме традиционално на „Галичка свадба“. Кога почна нашата љубов многу пати разговаравме дека кога би се одлучиле на ваков чекор би се пријавиле за „Галичка свадба“ и секако, ја поддржа идејата, додаде тој.
-Ние прво се договоривме дека ќе се пријавиме за Галичка свадба, па потоа ја запросив. На Велигден бевме во Галичник и тогаш се договоривме да аплицираме, а на „1 Мај“ бевме во Љубаништа, и таму ја заприсив. Елисавета била во Галичник, но претходно никогаш не присуствувала на оваа манифестација. Затоа пред да се договориме прво ја гледавме манифестацијата за да види како сето тоа изгледа. Ги гледавме претходните свадби и утре дента седнавме и си рековме- ај, па за следната година ќе се пријавиме и ние. Но, потоа испадна место за следната да аплицираме за оваа година. Кога веќе се договоривме за Галичка свадба тоа всушност значеше запросување ама без прстен. Затоа официјалното запросување се случи подоцна во Љубаништа, на едно од нејзините омилени места. Во Љубаништа ѝ го дадов прстенот, вели Оливер, а Елисавета додава:
-Во Галичник започна нашата љубов со Оливер. Многу ми е драго што и таму ќе ја овековечиме. И двајцата сме многу среќни, тука сме еден за друг да се поддржиме, додаде Булоска
Овие двајца вљубени, кои заедно сакаат да продолжат низ животот, ќе се заколнат на вечна љубов пред Бога во црквата „Св. Петар и Павле“ во Галичник, но сè уште не одлучиле каде и кога ќе биде свадбената веселба.
-За свадба во ресторан и граѓански брак сè уште не сме се договориле. Сè што се случи беше многу брзо и се договоривме тоа да го мислиме по завршување на Галичка свадба. Сега сме окупирани со ова, па потоа ќе мислиме. Важно е да ја испочитуваме традицијата. За мене лично, моето разбирање на традицијата е аманет. Но не како обврска, туку почит на предците. Не мора тоа да биде носија, оро или некоја традиционална песна, туку сè што е убаво, а направено е да остане за нас.., вели Оливер.
(В.М.)