Според сегашниот закон за Локална самоуправа граѓаните немаат никаква законска форма да го отповикаат градоначалникот што го избрале на непосредни избори, доколку не се задоволни од неговата работа. Според она што го предвидува законот, ние денес можеме да имаме градоначалници коишто и во текот на мандатот може да бидат осудени на условни казни, на затворски казни во траење до шест месеци како на пример затворска казна за шверц на цигари, или пак да има безброј кривични пријави заглавени во судските лавиринти. Моралната одговорност најчесто изостанува, додека надлежните институции не го кажат последниот збор иако и тоа секогаш не е гаранција, па и кога некој ќе се најде на „Црната листа“ на САД.
Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко се најде на „Црната листа“ на САД. Тој не си даде оставка, но кажа дека ќе биде транспарентен и на иституциите ќе им биде достапна целокупната документација во текот на некоја од истрагите. Всушност од него и никој не побара оставка, барем од владините институции.
Премиерот Ковачевски не побара оставка од Mерко, но ги повика институциите да ги проверат наводите на САД.
„Нема да се мешаме во оваа област бидејќи функцијата градоначалник произлегува од волјата на граѓаните“, додаде Џафери.
Мерко не даде оставка, но го „замрзне“ своето членство во раководните органи на ДУИ, а портпаролот на партијата Бујар Османи кажа дека се прекинати и сите изборни активности на партијата во Струга.
Единствено, како дел од власта, оставка од Мерко побара лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.
За ВМРО-ДПМНЕ ставањето на струшкиот градоначалник на црната листа на САД е шамар за владата на СДСМ и ДУИ.
За професорката Гордана Сиљановска , автор на Законот за локална самоуправа, во која и да било држава да се најдете на „Црна листа“ на САД, оставка се дава во истиот момент, со цел да се остават органите да си ја вршат работата.
Во првата верзија на законот за Локална самоуправа од 1995 година, имало можност за отповик на градоначалниците, денес никој не може да ги смене
„Ние имавме во првата верзија на Законот за Локална самоуправа од 1995 година, институт „отповик“, што е многу редок феномен. Такво нешто во моментов има во некои кантони во Швајцарија, а има и во САД, каде што во некои рурални средини па и помали општини, градоначалниците, шерифите па и судиите се избираат на непосредни избори. Во Законот од 1995 година беше предвидено определен процент граѓани да може да бара отповик на градоначалникот, (собирање потписи па референдум-како алатки за граѓаните). Додека беше во функција овој закон имало само еден обид за отповик на градоначалник и тоа во Општина Вратница, но и тоа немаше завршница. Во актуелниот закон од 2002 година оваа опција веќе не постои, “вели професорката Гордана Сиљановска еден од креаторите на овој закон.
„Значи она што ние во периодот на либерализацијата го вметнавме, беше европски стандард, и за пратениците и за градоначалниците, на избори се избираат, на избори можат да го изгубат статусот. И никако на друг начин . Сепак тука е најважна етиката. Во случајот со Мерко не зборуваме само за етика туку и за основано сомнение. Црната листа не се прави затоа што некој е симпатичен или не, туку затоа што со децении за него имало процеси кои не знаеме зошто не завршиле како што треба. А зошто е тоа така, најверојатно поради моќната партија. Мерко беше и Министер во претходната Владата, и сите Министри лобирале за овој човек иако знаеле дека за него има, не скандали, туку основано сомнение за кривични дела. Тука е и судирот со УНЕСКО, “додава Сиљановска.
Според професорката во било која држава да се најдете на „Црната листа“ на САД, во истиот момент треба да си поднесете оставка, пред се за да се остават институциите да си ја вршат работата. Претседатели, градоначалници и други функционери во други земји кога се наоѓале во таква или слична состојба, за да овозможат независно судство си даваат оставки. Тие немаат имунитет, но политичкиот статус им дава моќ и влијание.
Мерко како градоначалник има и моќ и влијание
„По најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт Департмент, не сакав да комуницирам во корист на процесите, за кои ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи. Oд страна на институцијата Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставyвам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции,“ кажа во објавата на ФБ струшкиот градоначалник, но дури по 6 дена од одлуката за неговото ставање на „Црната листа“
„Во интерес на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите. На крајот, сакам да му се заблагодарам на секој граѓанин за поддршката низ годините, но и поддршката што не ја штедевте и овие денови, за кои убеден сум дека ќе ги надминеме заедно, за да создадеме услови за подобар живот на Стружани и за Струга што ја сакаме.” напиша Мерко.
фото-YouTube
Премиерот Ковачевски запрашан за став во врска со одлуката на Стејт департментот да го стави струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа за влез во САД поради сомнение дека вршел притисок врз донесување на судски одлуки, кажа дека ако тој лично се најде на „Црната листа“
„Не само што ќе си дадам оставка туку тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата кариера“, рече Ковачевски.
Градоначалниците не можат да се отповикаат но постојат услови кога им престанува мандатот
На Градоначалникот му престанува мандатот по сила на Закон:
ако поднесе оставка; во случај на смрт; ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над 6 месеци; ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност; ако настапи случај на неспојливост за вршење на функцијата согласно со Законот за локални избори; во случај на неоправдано отсуство подолго од 6 месеци и ако престане да биде жител на Општината.
Градоначалникот не може да биде именуван за член во надзорни, управни и контролни органи на трговски друштва и јавни служби. Не може да учествува во процесот на одлучување за прашања во кои тој или неговиот брачен другар, деца или роднина до втор степен странична линија има финансиски или други личен интерес.
„Што е Универзитет приватен, ако не профитна дејност. Меѓународен Универзитет на албански јазик, изграден на узурпирано земјиште, фабрика за магистратури и докторанти. Кога би била јас на местото на Министерот за образование, веднаш би заминала, зошто замислете образованието го стекнал на тој Универзитет,“ вели професорката Сиљановска.
Колку пати , градоначалникот Мерко, додава Сиљановска, беше во отворен судир со законот и сите си молчеа. Тоа не можел да го прави без силна поддршка на партијата, вели таа.
Како автор на законот за Локална самоуправа, ја прашавме професорката Сиљановсака -Што би променила во законот доколку има можност за тоа кажа
„Ние веруваме во во безрезервна поддршка до следните избори. Либералната демократија нема разбирање за формите на отповикување, па дури и во нашиот Устав пишува, акцентот се става на претставничката демократија, граѓаните ја остваруваат власта преку претставниците, како и преку референдумот и другите форми на лично изјаснување. На избори се избираат, на избори можат да го изгубат статусот. Етиката тука е најважна. Ја имаш или немаш,“ вели Сиљановска
Додека граѓаните го очекуваат исходот од целата оваа ситуација, на потег сега се институциите. Можеби конечно „нешто“ ќе има завршница.
В.Кр