Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска беше повикан на разговор во СВР Куманово. Тој за ова информираше на прес конференција на која соопшти дека се работи за анонимна пријава за, според него, наводен предмет за исплати и недоместоци на лица вработени во општината.
– Сакам да ве информирам дека денеска со покана бев повикан во СВР Куманово на разговор во врска со предмет за исплати и надоместоци на лица вработени во општина Куманово. СВР Куманово постапува по анонимна пријава, во континуитет се случува истиот притисок на работењето на општина Куманово и на мене како градоначалник. Целта е јасна да бидам дефокусиран од моите секојдневни активности, вели Димитриевски.
Како што изјави Димитриевски, според наводите во пријавата, иако, вработените во Општина Куманово постапувале согласно законот, плати се исплаќаат со децении во општината и методологијата на пресметката е иста.
Тој кажа дека Општината има потпишано и колективен договор за вработените.
-Но, сепак дадов свој исказ. Дополнително, по барање на лицата коишто ја водат постапката ќе добијат дополнителни информации. Ова го ценам како еден класичен пример на злоупотреба од страна на поединци коишто менаџираат со овој ресор во партиско политички цели на институциите. Видете, се случува еден преседан, секојдневно се пишуваат анонимни кривични пријави до МВР, од МВР завршуваат во Основно јавно обвинителство, се добиваат насоки за постапување, се отвораат предмети кои на крајот резултираат со ништо и се трошат ресурси, ние ги плаќаме сите тие лица коишто се ангажирани на тие активности, а во меѓувреме државата тоне во корупција. И тоа го потврдуваат сите релевантни амбасади во државата, додаде Димитриевски.
Посочи дека и тој како градоначалник и вработените во општината ќе соработуваат со секоја истрага што ќе се води и напоменува дека од страна на надлежните институции на сите нивни поднесени барања како општина и градоначалник за постапување против Н.Н. лица, за кои посочи лажно ги постапуваат сите овие пријави нема отворено ниту една постапка.
Тој го повика обвинителството да постапи, да отвори предмет, да ги открие кои се лицата што ги пишуваат ваквите анонимни пријави.
-А од друга страна сметам дека постојат големи можности да се работи за чисти монтирани процеси што ќе не дефокусираат од секојдневните наши активности. Како се наближуваат изборите така и притисокот е сè поголем. Овде се со мене само дел од пријавите што секојдневно ние како општина и институција ги добиваме по однос на прибирање на материјали и докази за лажно поднесени кривични пријави или „анонимки“ како што се викаат од страна на Н.Н. лица, вели Димитриевски.
Тој апелираше до надлежните кои раководат и менаџираат институциите да се фокусираат на разбивање на корупцијата.
-Апелирам надлежните што раководат и менаџираат со овие институции, особено со секторот МВР којшто се трансформираше во МВРО со две „О“ претстанат со ваквите појави, бидејќи да не остават, граѓаните не избраа да си ја вршиме нашата секојдневна работна задача, а не да го трошиме времето како тие што го трошат и да се фокусираат на разбивање на корупцијата во државата, која им е пред очи и сами ја признаа, потенцира Димитриевски.