Кога заминаа за Берлин им посакавме добро здравје и убав помин, тие ни возвратија со пет медали, но и добар пласман во повеќе дисциплини.
Нашите херои и хероини десет дена го живееја својот сон во Германија, сон на секој спортист да учествува на Олимписки игри.
Според директорот на ДСУ „Искра“, Тони Патрушев, чии што ученици за прв пат беа дел од еден ваков настан, учеството на Специјалните олимписки игри беше вистински спектакл, не ни замислуваа дека нешто такво ќе им се случи во животот. Насмевките, возбудата можеше да се прочита на нивните лица.
„ Беше неверојатно да се биде на стадион со 60 илјадна публика, со присуство на највисокиот државен врв на Германија и Специјалната олимпијада,“ вели Петрушев.
Во Германија, македонската репрезентација замина на 12 јуни, и два дена престојуваше во Олденбург, град којшто бил домакин на трисесет члената македонска репрезентација .
„Тука имавме неверојатен дочек, имавме прием кај градоначалникот, а нашата ученичка, Анастасија Ангелова го запали олимпискиот оган во Олденбург, како град домаќин и дел од Специјалната олимпијада“ додаде Петрушев.
На 15 јуни, македонската репрезентација замина во Берлин. Тука започна вистинската борба на нашите атлети, кои во рамките на своите можности покажаа вистински спортски дух.
„Тука добиваа и повеќе. Во периодите меѓу натпреварите сите учесници имаа можност на разни пунктови да добијат бесплатни здравствени прегледи и совети. Ако некој имаше проблем со очите или пак слухот, добија бесплатни очила, слушни апарати . . “ образложи Петрушев.
Кошаркарската екипа од ДСУ„ Искра“ имаше девет натпревари и успеа да дојде до четвртото место, што е одличен успех имајќи во предвид дека тука се натпреваруваа екипи од 190 земји. Пинг-понгарите го освоија шестото место, што е исто одлучен успех.
Од настапите во пет дисциплини: кошарка, пливање, бадминтон, атлетика и пинг-понг македонските репрезентативци освоија вкупно 5 медали. Златен медал освои Агрон Хајредини, атлетика,категорија скок во далечина од место. Сребрен медал освои Јулијана Петровска, атлетика,категорија скок во далечина од место. Сребрен медал освои Стефан Трпковски,пливање,категорија 100 метри грбно. Бронзен медал освои Марио Мицковски,пливање, категорија 100 метри слободен стил и бронзен медал освои Јане Никодиновски- бадминтон.
“За мене, секој еден член, претставник од нашата Специјална Олимпијада – Северна Македонија е победник. Навистина се гордееме со сите наши атлети, партнери, помагатели и директни учесници во овие Светски Специјални Олимписки Игри. Честитки и до тренерите кои беа во секој миг до нашите атлети, поддржувајќи ги неуморно.“ – вели Моника Бошкоска, претседател на Специјална Олимпијада – Северна Македонија.
На Марио кој освои бронзен медал на специјаните олимписки игри во пливање, дисциплина 100м слободен стил, Општина Бутел му обезбеди парична награда во висина од 60.000 денари и највисока месечна спортска стипендија од прва категорија во висина од 12.000 денари.
На Специјалната Олимпијада која се одржаа од 17 до 25 јуни учествуваа над 7.000 атлети од 190 земји. Македонската делегација ја преставуваа 13 атлети, шест тренери, шест партнери и пет делегати.
(В.Кр)