Многубројни пејачи, играорци и инструменталисти од ЗФГ ,,Копачка” с. Драмче, Делчево викендов настапија на локалитетот Белчанско маало во с. Драмче и месноста Шишаро кај вила „Самовила“, каде се снимаше документарен филм за ,,Копачката”. Документарниот филм е по сценарио и режија на познатиот режисер Андреј Волкашин од Делчево, во соработка со ОХО продукција.
-Имавме една извонредна можност на свој пијанечки автентичен начин да ја раскажеме приказната за фолклорното добро орото „Копачката“, кое е национално и светско културно наследство, впишано во УНЕСКО, во Репрезенативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото, но и за останатиот пијанечки изворен фолклор и сето тоа преку танцот, песните свадбарски, ороводните песни и раскажувањето за одржливоста на Групата и репертоарот, истакна претседателот на ЗФГ ,,Копачка”, Перса Стојановска.
За членовите на групата како што додаде претседателката искуството е од огромно значење за презентирање на заштитеното оро од УНЕСКО.
-Во една многу пријатна атмофера и возвишеност членовите ги редеа чекорите на орото и стиховите на песните. Во очекување на монтирање на конечната верзија на овој за нас многу значаен документарен филм, има се заблагодаруваме на сите за прекрасната соработка пред и во текот на снимањето, додаде Стојановска.
Снимањето на документарниот филм се реализира по повод 75 години од постоењето на Фолклорната група ,,Копачка”.