Повторно суви чешми во горните зони во Стар Дојран. Жителите и туристите реагираа дека со денови немаат вода. Причина повеќе за нивната реакција е што, велат, немаат никакви информации, ниту пак имаат каде да се обратат.
ММС беше упорен и упорноста ни се исплати, конечно некој крена слушалка во ЈКП Комуналец-Полин.
„Еден дефект е саниран, денеска се работи на друг дефект. Се прават напори истиот да биде саниран до крајот на работниот ден. Тоа што некои делови со денови немаат вода, се однесува на повисоките зони, каде што е потребно време, за да стабилизира водоснабдувањето“ не информираа од јавното претпријатие.
Во екот на Туристичката сезона, овие дефекти почнаа пречесто да се случуваат, се жалат туристите, а за некој ден почнува и Д Фестивалот.
Пред десетина дена Градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов се пофали дека општината добила финансиска поддршка за реконструкција на колекторскиот систем и изградба на нова прочистителна станица. Сумата од 1.300.000 евра веќе е одобрена. Со овие средства и претходно добиените 135 милиони денари од страна на Владата, општината за заокружи финансиската конструкција за реализација на овој проект.
Последните испитувања на водата од Дојранското Езеро од страна на Центарот за јавно здравје, Велес, покажаа дека е во одлична состојба и е безбедна за капење и рекреација на луѓето.
В.Кр