ТАВ Македонија, утринава, со воден мост за добредојде, на Меѓународниот Аеродром Скопје, го пречека првиот лет на скандинавската реномирана авиокомпанија Норвеџиан ерлајнс од Осло.
Со Боинг 737, со капацитет од 189 патници, авиокомпанијата за прв пат слета на Меѓународниот Аеродром Скопје, со што го означи почетокот на комерцијалните операции на македонскиот пазар.
„Како ТАВ сме возбудени што го дочекавме и прославивме влезот на Норвеџиан ерлајнс на македонскиот пазар, со денешниот прв лет од космополитскиот центар на Норвешка – Осло, до Скопје. Меѓународниот Аеродром Скопје, од денеска, 23-ти јуни, ќе биде поврзан авионски со главниот град на Норвешка, со аеродромот во Осло Гардермон, двапати неделно, во понеделник и петок, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Летовите се закажани од денеска 23-ти јуни, во петок и понеделник. Летовите во петок поаѓаат од аеродромот во Осло во 06:35 часот, а на скопскиот аеродром пристигнуваат во 09:40 часот, додека враќањето за Осло од Скопје е во 10:20 часот. Во понеделник, времето на поаѓање од Осло е 17:15 часот, а на Меѓународниот Аеродром Скопје во 20:20 часот.