Блиски роднини на поранешни функционери и актуелни политичари во земјава се дел од сопствениците на фирмите кои заработуваат од брзи кредити. Од вкупно 35 финансиски друштва, 60 проценти, односно 23 компании, се основани од македонски државјани – пишува РСЕ на македонски јазик.
Во бизнисот со брзи кредити „тежок“ 150 милиони евра, меѓу 35 фирми за брзи кредити, 23 се домашни компании, а меѓу основачите се и блиски роднини на двајца поранешни премиери.
Убавка Заева, стрината на Зоран Заев е сопственик на финансиското друштво Пеон од Струмица. Управител на оваа фирма е нејзината ќерка Катерина Бојовиќ Заева. Убавка Заева е и мајка на Трајче Заев, кој и е познат на јавноста по бизнисите со производство на медицински канабис, пишува РСЕ.
Лав Ѓеоргиевски, син на Љубчо Ѓеоргиевски има продавница за пари во центарот на Скопје „ Премиум Фајнанс“.Неговиот татко, Љубчо Георгиевски освен со политика, се занимава и со градежен бизнис, тој е косопственик на две градежни фирми.
Александар Верушевски, син на разузнавачот и советник на премиерот Зоран Верушевски лани ја отворил фирмата „Генерал Фајнанце“ во Струга со подружница во Скопје, која се занимава со издвање брзи кредити.
Контроверзниот руски бизнисмен Олег Викторович Бојко, кој се најде на списокот на санкционирани во Украина, Канада и Австралија, поради поддршката на Владата на Русија за агресијата врз Украина, исто така има фирми за брзи заеми во Македонија.
Американското Министерство за финансии го стави Бојко на таканаречената „Список на Путин“, во која има олигарси блиски до рускиот претседател Владимир Путин .
Бојко поседува компании за брзи заеми во над 30 земји низ светот. Една од фирмите во Албанија беше поврзана со скандалот со протекување податоци 600 . 000 корисници на брзи кредити кои завршиле на „црниот пазар“.
Рускиот милијардер со италијанско и грчко државјанство Бојко , според Форбс, тежи најмалку 1,2 милијарди, додека во Централниот регистар на РМВ отворил компанија за брзи заеми под името „Дигитал Фајнас Интернешнл“.
Извор: РСЕ