Во исклучително тешки услови и во ноќните часови продолжува потрагата по тројцата патници на косовското БВМ, кое пропадна во реката Лепенец кај селото Орман на патот Скопје – Приштина. Сите се членови на едно семејство.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје е на лице место на тешка сообраќајна несреќа на патот Скопје – Приштина и презема дејствија за утврдување на причините. -Според првичните информации, до несреќата дошло кога автомобил Фолксваген туран со македонски регистарски ознаки претекнувал колона автомобили. Во моментот кога стигнал паралелно до автомобил со БМВ косовски регистарски таблички кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворица патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец, соопшти Обвинителството.
Причините за сударот се уште се утврдуваат, а на лице место е присутен и сообраќаен вештак. Еден од патниците во косовското возило е извлечен од водите и веднаш е префрлен во болница, додека по останатите потрагата е во тек.
Веќе информиравме дека во возилото имало четири патници, од кои еден успеал да се спаси.
Косовскиот медиум Индексонлајн пренесува дека 21-годишниот Шкелќим Пацоли скокнал од автомобилот и така се спасил од надојдените води на Лепенец. Во моментов е во болницата „8 Септември“ во Скопје.
Членовите на неговото семејство, Наим Пацоли, кој возел, Мерита Пацоли и Ермал Пацоли се’ уште се водат како исчезнати.