Бране Петрушевски од ВМРО ДПМНЕ и денеска излезе со сомнежи дека може да бидат вршени злоупотреби на следењето на комуникациите.
Според Петрушевски, приватноста на граѓаните е загрозена, а во прашање е доведена кредибилноста на Оперативно техничката агенција (ОТА).
-Затоа Собранието кое е надлежно за надзор, поточно Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, заседаваше и на својата 15-та седница, одржана во пет продолженија, разгледувајќи Информација за работењето на Оперативно техничката – агенција утврдивме сомнение дека ОТА го прекршила членот 2 од Законот за следење на комуникациите, односно дека извршила незаконска набавка на средства кои може да бидат злоупотребени, а набавката е без соодветно Одобрение предвидено во ставот 2 на овој член. Комисијата едногласно со поддршка од сите пратеници, без разлика на политичката партија, донесе заклучок за оваа сомневање да го известиме Јавниот обвинител на Република Македонија. И истиот го известивме, рече Петрушевски, кој апелираше што побргу да биде отворена истрага.
Одговорија од СДСМ.
-Прислушкувањето на граѓаните заврши со заминувањето на режимот на ДПМНЕ, сега се градат демократски институции кои им служат на граѓаните.
Се’ она што ДПМНЕ го урна сега се обновува врз основа на закон и спроведени реформи на безбедносните служби во еден демократски и транспарентен процес.
Демант за лагите на ДПМНЕ вчера изнесе и професионалната Оперативно-техничката агенција. Се спроведуваат постапки низ соодветна, законска процедура, под целосен надзор и контрола и со позитивно мислење од надлежните институции, велат од СДСМ.
Оперативно-техничката агенција соопшти дека во соодветна постапка и со вклученост на сите институции надлежни за спроведување на процесот за следење на комуникациите, со одобрени средства за конкретна намена од страна на Владата и во согласност со членот 2 од Законот за следење на комуникации има поднесено барање за одобрение и техничка спецификација за што има добиено и поседува позитивно мислење и одобрување од страна на Министерството за внатрешни работи.