Според извештајот на Европскиот мониторинг центар за дроги и зависности од дроги (EMCDDA) објавен во петокот, смртните случаи во Европа предизвикани од дрога продолжуваат да се зголемуваат секоја наредна година, јави ДПА.
Меѓу земјите-членки на ЕУ, најмногу луѓе починале од употреба на дрога во Германија.
Смртноста од предозирање во Европската унија во 2021 година се проценува на 18,3 смртни случаи на милион жители на возраст од 15 до 64 години.
Бројот на смртни случаи поврзани со дрога во Германија се зголеми во споредба со претходните години и веќе е двојно поголем од пред 10 години.
Германија е на прво место во ЕУ (1.286), пред Шпанија (774), Шведска (450) и Франција (417).
Податоците од некои земји се постари.
Сепак, неспорно е дека трендот во Германија, а и во целата Европска унија е нагорен. Според извештајот на агенцијата на ЕУ со седиште во Лисабон, во 2021 година имало најмалку 6.166 смртни случаи од предозирање со дрога во 27 земји на ЕУ.
Тоа е речиси 17 смртни случаи дневно и значително повеќе отколку во 2020 година (5.796) и 2019 година (5.141).