Од изутрина се расчистуваат улиците и поплавените места по ноќното дежурство на службите во Крива Паланка по интензивниот дожд синоќа и надоаѓањето на Крива Река.
Однесени се пешачки мостови, поплавени неколку домови, настанати се одрони и свлечишта и големи материјални штети.
Поради санација на свлечиштата настанати од поројните дождови-градоначалникот на Општина Крива Паланка донесе решение за привремена забрана на неколку улици во градот, имајќи го предвид Законот за безбедност во сообраќај на патиштата.
Привремена забрана за движење моторни возила ( освен интервентни) е воведена на неколку патни правци и тоа: патен правец Крива Паланка-село Кошари, приклучок со ул.Св.Јоаким Осоговски- Саат маала, крак од улица „Моша Пијаде“, дел од ул.„Калин Камен“ до ограден ѕид над СОУ „Ѓорче Петров“.
-Сообраќајот на овие патни правци е во привремен прекин пред се од безбедносни причини, поради појавата на големи свлечишта. Се молат граѓаните за разбирање, доследно почитување на забраната и да не ја поместуваат или отстрануваат поставената сообраќајна сигнализација за ограничување на движењето, соопшти Општината.
На итниот состанок на Општинскиот кризен штаб синоќа, беа дадени првите насоки за делување.
ОВР Крива Паланка со дежурни екипи да ги обележат критичните точки на патните правци и да ги обезбедуваат во текот на ноќта. Стручните лица, инженери од Општина Крива Паланка заедно со стручни лица од ЈП Комуналец и ЈП Македонија пат да направат распоред на градежна механизација по локации. ЈП Комуналец и О
пштинскиот инспекторат да ги ангажираат лицата за општо-корисна работа, вработени во секторот Паркови и зеленило и работници од КПУ одделение Крива Паланка за расчистување на наносите во кејот, да се расчистат јавните површини и да се изврши перење на улиците.
Службите од Општина Крива Паланка и МВР се задолжени да издадат забрана за сообраќај на критични патни правци, забрана за движење на пешачки мостови со забрана за движење на луѓе во речното корито. Вработените во ЈП Национални шуми треба да извршат сечење на гранки и стебла во доловите и речните корита, додека службите да изготват известување до ЕВН за детекција и санација на потенцијални опасности во електричната мрежа.