Се заокружува првата фаза од хидросистемот „Злетовица“ со одобрени нови два проекти за Пробиштип и изградбата на цевководот, филтер станицата и пристапниот пат во Општината Карбинци, со што се овозможува приклучување кон системот со планинарска вода за пиење. Деновиве се очекува распишување на тендер за нова филтер станица за Свети Николе, а се ревидира и проектот за Лозово. Ова од седиштето на „Злетовица“ во Пробиштип го најави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, кој кажа дека Министерството одвоило 800 илјади денари за целосно завршување на првата фаза од овој проект.
Директорот на Злетовица прецизира дека двата проекти за Пробиштип, за кои се издвоени 14 милиони денари, се водоснабдителна мрежа во високите зони на Пробиштип и изградба на базен за вода за пиење. Неодамна беше унапреден и и системот за мониторинг и оскултација.
Министерот Николовски рече Злетовица е значаен повеќенаменски проект за источниот регион и очекува почеток на втората и третата фаза од проектот – фазите за наводнување и производство на електрична енергија. Во тек се, како што кажа Николовски, серија разговори за кредитирање со претставници на Светска банка, ЕБРД и Германската развојна банка во кои е вклучено Министерството за финансии. Потребни се околу 40 милиони евра.
Хидросистемот „Злетовица“ останува приоритетен за македонската влада, што се покажува и со издвоените 800 милиони денари за следните три години.