Креирањето на македонската Национална стратегија за вештачка интелигенција тапка во место додека таа зема замав и станува сè поактуелна. Работната група за изготвување на ваквиот документ во рок од две години одржала само еден состанок, а експертите алармираат дека ова прашање бргу треба да се регулира со закон бидејќи без норми ќе се случи безредие.
Девет компании во земјава досега добиле поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој за да развијат иновации засновани на вештачка интелигенција (ВИ). За оваа цел, Фондот инвестирал над 750.000 евра. „АДА“ – првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција е веќе во употреба.
„Во државава има мал број на стартапи кои развиваат вештачка интелигенција во своите производи и токму Фондот преку достапните инструменти за финансирање нуди поддршка за оние кои поседуваат иновативни идеи и проекти“, велат од оваа институција за ММС додавајќи дека амбициозните претприемачи со својата визија нè ставаат на глобалната бизнис мапа.
За да може домашните, иновативни стартапи да добијат поголема шанса за развој на своите идеи, државата најави Национална стратегија за вештачка интелигенција. На иницијатива на вицепремиерот Фатмир Битиќи, ФИТР ја формираше работната група за креирање на ваквиот документ како дел од планот за економски развој на државата и дел од Националната развојна стратегија 2021-2041.
Сепак, Стратегијата сè уште чека да го види „светлото на денот“ бидејќи првиот состанок на кој членовите ги презентирале своите искуства и размислувања, засега е и последен. Напорите на државата да го стави ова прашање на хартија тапка во место додека вештачката интелигенција вртоглаво се развива на глобално ниво, а владите размислуваат како да ја вметнат во својата легислатива за да ги заштитат фундаменталните човекови права.
Дебата: „Вештачката интелигенција и правото – Предизвици, опасности, перспективи“
Околу регулацијата на вештачката интелигенција веќе отпочна дебата и во Македонија, откако ИТ експертите и правниците се „здружија“ за да укажат на потребата од нејзино нормирање.
Адвокатот, Јован Најденовски вели дека тоа што го имаме како регулатива се темели на некои традиционални норми од кои најголемиот дел во моментов не се соодветни за предизвиците и промените кои ги носи вештачката интелигенција.
Според Најденовски, Македонија треба да ја прифати потребата од нормирање со примена на современи и странски принципи, но прилагодени за наши услови.
-Вештачката интелигенција е цунами, бран кој надојде, удри и носи сè пред себе. Ако се качиме на тој бран и сурфаме на него, на начин што ќе поставиме правила на игра, тогаш имаме шанси да ја впрегнеме вештачката интелигенција да работи за нас, а не да ја бркаме или недај Боже да се „наголтаме со вода“ – вели метафорички Најденовски.
Кон актуелизирање на прашањето за правна регулација се приклучува и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ. Заменик претседателката на Управниот одбор, Весна Ивановска вели дека Европскиот парламент веќе ја финализира иницијатива за првиот закон во Европа кој би ја регулирал вештачката интелигенција.
„Имајќи предвид колку критична и важна е улогата на ВИ во создавањето на сега веќе би рекла, нови околности и нова реалност, и колку тоа може да донесе опасности, но и потенцијал за развој и перспективи МАСИТ се приклучува на оваа глобална дебата“, вели Ивановска во изјава за ММС.
Таа најави низа активности кои Комората ќе ги организира како гласноговорник на ИКТ индустријата за да информира и едуцира во врска со оваа тема. Всушност, информатичарите веќе се обединија со правниците за оваа цел и организираа работилница во Скопје за да објаснат едни на други што се подразбира под поимот вештачка интелигенција и зошто е потребно таа да влезе во легислативата.
Ивановскa посочува дека тоа е технологија која сè подлабоко навлегува во нашиот живот и може значително да го олесни, но тука се и ризиците. Според Ивановска, да се направи паралела меѓу овие две спротивставени работи е прашање од „милион долари“.
„Да речеме, вештачката интелигенција е особено навлезена во медицината. Всушност таа е добредојдена во области во кои е ризично или опасно човекот да влегува и да учествува физички. Меѓутоа, тоа секако си носи и свој ризик. Така што, дебатата не е еднострана и мислам дека имаме во земјава, а и во регионот експерти коишто можат да дадат релевантна оценка за овие прашања. Вртоглаво брзо се развива вештачката интелигенција и очекуваме многу брзо да се најдеме во сериозен предизвик“, смета Ивановска.
Адвокатот Најденовски пак, додава дека отсуството на регулација создава ризик да настане безредие.
„Ако нема макар морално-етичка норма за нешто, настанува безредие. Настанува хаос. Затоа велам, немало отсекогаш за сè регулатива, а нема ни сега. Но постоеле морално-етички стандарди и норми па кога се видело дека тие функционираат и станале општо прифатени, кога биле ставени на хартија и од добри пракси станале задолжителни, сме добиле норма. Штом има норма, тогаш знаеме дека ќе има некаков ред“, истакнува за ММС, Најденовски.
Тој нагласува дека е подобро да се донесе некаква регулатива макар и со недостатоци, отколку да немаме никаква.
„Ни треба брзина. Клучна е брзината и конзистентноста. Ако ние влеземе во една процедура да размислуваме за нормирање на вештачката интелигенција и го доделуваме тоа де на на ова, де на она министерство или ад-хок тело и тоа го правиме пет години, ние ништо не сме направиле. Затоа што после ќе бидеме назад во однос на она што ќе се случи“, додава нашиот соговорник.
Човекот – главен фактор кој дефинира што е лошо, а што е добро во вештачката интелигенција
Го прашавме дали покрај дебатата што ја иницираа стручњаците, македонските институции имаат капацитет за да ја регулираат вештачката интелигенција, на што Најденовски посочува дека е важно што имаме човечки капацитет.
„Затоа и претходно реков – ова е трка. Треба да ја истрчаме и да трчаме паметно за да не останеме без здив. Македонија има и млади луѓе од ИКТ индустријата и сениори, луѓе коишто се занимавале со информатичка технологија пред 30 или 40 години. За среќа има и правници кои ја следат оваа проблематика и тоа ја следат и локално и меѓународно. Следат што се случува пошироко во најјаките јурисдикции, во највлијателните јурисдикции, но следат и што се случува во соседството. Сепак тука се држави со релативно слична економска моќ, општествени уредувања, историски бекграунд. Значи можеме да споредуваме поблиски искуства“, вели адвокатот.
Според него, Македонија има и правници и информатички инженери коишто ако заеднички работат на дефинирање на она што е вештачка интелигенција, кои се приоритетите, кои се опасностите и кои се предизвиците, ние можеме користејќи ги странските искуства да го фатиме возот на промени.
„Апсолутно сметам дека имаме човечки, нема да речам институционален, но имаме човечки капацитет. Има умни глави во оваа наша земја кои апсолутно можат да работат рамо до рамо со колегите од странство и Македонија да добие една прекрасна, убава регулатива којашто ќе биде навистина со светски атрибути, но прилагодена на наши услови“, заклучува Најденовски.
Вештачката интелигенција веќе навлегува во сите сфери на општественото живеење како меч со две острици со бројни придобивки и ризици истовремено. Сепак, човекот е тој кој одлучува како ќе се дефинира што е добро што е лошо. Според експертите, земјите во развој меѓу кои и нашата, имаат многу препреки кои треба да ги поминат за да бидат во состојба да ги доживеат бенефитите од вештачката интелигенција. И покрај стравот дека таа може да ги „истисне“ луѓето од нивните работни места, познавачите сугерираат дека на неа не треба да се гледа како нешто кое ќе ги направи луѓето непотребни.
„Напротив, треба да се гледа како алатка или продолжена рака која нè заменува во репетитивни задачи и ни дозволува да се посветиме на креативните“ – беше порачано на неодамнешната дебата на оваа тема.
Додека државите ширум светот размислуваат како овие прашања да ги вметнат во своите законски регулативи, Македонија освен Стратегија за вештачка интелигенција планира и Стратегија во областа на заштитата на човековите права, за што веќе е обезбедена поддршка од Европскиот центар за непрофитно право.
Иако работната група за изработка на Стратегијата за ВИ е формирана пред две години, Фондот за иновации и технолошки развој допрва треба да обезбеди водечки експерт или тим кој ќе помогне во процесот на изработка. За ова, ФИТР веќе е во комуникација со УНДП и Светска банка – велат оттаму за ММС.
Оттаму потсетуваат дека земјава веќе го има и првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција „АДА”.
Овој проект е дизајниран за потребите на програмите за државна помош. „АДА” е веќе достапна на веб страната на Фондот за иновации и технолошки развој, за сите граѓани и заинтересираните странски инвеститори и може да даде одговор на сите најчество поставувани прашања поврзани со програмите за државна помош на Владата. Со воведувањето на дигиталниот ВИ асистент ја олеснуваме комуникацијата на домашните, странските компании и инвеститорите и обезбедуваме брз пристап до податоци од јавен карактер, но и ослободување од традиционалниот начин на комуникација – порачуваат од Фондот во писмениот одговор до ММС.
Вања Мицевска