За 4,5 години од примената на Законот за укажувачи, само 40 пријави се доставени до Државната комисија за спречување на корупцијата. Укажувањето се’ уште се смета за кодошење, наместо фактот дека се работи за контролна функција на граѓаните над работењето на институциите, јавните претпријатија, агенциите и други субјекти. Ова го истакна професорот Дарко Спасевски, кој врз основа на анализата која ја работеле над 43 државни и комунални јавни претпријатија утврдиле дека за периодот од 2019 до 2022 година, само три од анализираните јавни претпријатија имале пријави од укажувачи.
-Најмногу пријави стигнале од граѓани за работењето на скопското Јавно сообраќајно претпријатие (ЈСП). Но, и тие се однесуваат на неправилности со билети, постапување на возачите и контролите. Студијата покажа дека 3 јавни претпријатија имаат пријави, додека 40 јавни претпријатија немаат, а 1 јавно претпријатие пријавата ја има доставено интерно до сектор во рамките на претпријатието. Две јавни претпријатија пријавата ја немаат понатаму проследено, вели Спасевски.
Граѓаните не се запознати со механизмот на укажувачи
Студијата за процена на состојбата за постапување по пријави на укажувачи и транспарентност и отчетност на јавните претпријатија во Република Северна Македонија на Институтот за стратешки истражувања и едукација бројот на примени пријави, како и бројот на претпријатија коишто примиле пријави, покажува дека концептот на укажувачи е на ниско ниво на имплементација.
„Самиот факт дека само 3 јавни претпријатија примиле пријави во тригодишниот период на анализа е нелогичен ако се има предвид дека во согласност со голем број анализи и извештаи, степенот на корупција во Република Северна Македонија е на релативно високо ниво13. Оттука се наметнува прашањето зошто бројот на пријави е низок. Имено, едно објаснување е дека отсуствува довербата во институциите (во овој случај јавните претпријатија) дека ќе биде соодветно постапено по пријавата, друго објаснување е дека потенцијалните укажувачи не се запознаени со овој механизам, додека трето објаснување би било дека потенцијалните укажувачи се плашат да пријават, поради евентуални идни последици, стои во Студијата.
Од друга страна, во ДКСК има посебен софтвер за прием на пријави од укажувачи. Софтверот гарантира анонимност, како што објасни Ирена Поповска, генерален секретар на Антикорупскиската комисија, тоа дава гаранција за анонимноста на укажувачите, што веројатно им дава сигурност да пријавуваат.
Дали е загарантирана анонимноста?
Од дополнителните податоци , Студијата заклучува дека сите претпријатија кои добиле пријави, ги известиле укажувачите за исходот, претпријатијата не ги проследиле пријавите понатаму до други институции (проследувањето интерно во рамките на претпријатието нема карактер на надворешно проследување), а само за едно претпријатие е направено заштитено надворешно пријавување. Кај ниту едно претпријатие не е спроведен надзор, ниту на едно претпријатие не е изречена глоба, само 6 претпријатија организирале обука за своите вработени со цел запознавање како да бидат укажувачи (одговорот дека вработените се обучени преку објавување известување на огласна табла нема да го сметаме како обука).
Со цел да се изгради ефикасен систем за прием и постапување по пријава на укажувачи, потребно е на лицата кои постапуваат по пријави од укажувачи да им се овозможат соодветни ресурси за работа. Ресурсите за работа треба да бидат доволни за успешно и ефикасно извршување на работите на овие лица. Заради обезбедување тајност и заштита на личните и други податоци кои се примаат и обработуваат од страна на овластеното лице, раководното лице, во согласност со прописите за заштита на личните податоци и прописите за заштита на класифицирани информации, обезбедува и применува соодветни технички и организациски мерки за заштита на податоците од случајно или незаконско нивно уништување, или нивно случајно губење, преправање, неовластено откривање или пристап, особено кога обработката вклучува пренос на податоци преку мрежа и заштита од какви било незаконски облици на обработка.
Засилување на системот на укажувачи
Она што е најважно, а во поглед на техничките услови за работа, раководното лице на овластеното лице му обезбедува простор и опрема за работа, како простор за работа соодветен за прием на странки; посебен компјутер обезбеден со единствено корисничко име и лозинка креирана од овластеното лице и позната само нему, со интернет-конекција и посебно електронско сандаче за електронска пошта обезбедено со единствено корисничко име и лозинка креирана од овластеното лице и позната само нему и други услови.
Студијата препорачува зголемување на бројот на овластени лица за прием на пријави од укажувачи, потоа зголемување на бројот на обуки за овластените лица за прием на пријави од укажувачи, како и зголемување на средствата за организирање обуки за прием на пријави од укажувачи. Воспоставување партнерство со граѓански организации и меѓународни организации со цел заедничко организирање обуки и споделување искуства.
В.К.