Македонската филхармонија како тенденциозни и сензационалистички ги оцени информациите во медиумите дека настапила на свадбата на познат скопски бизнисмен во хотелот “Мериот” во Скопје.
„Под секое ниво на Филхармонија како една од најценетите и најреномирани институции во државата е да свири на приватни веселби и свадби, кои немаат никаква допирна точка со пропагирање на музичкото творештво и културните вредности. Симфонискиот оркестар на македонска филхармонија настапува само во рамките на својата претходно дефинирана програма и редовниот репертоар, но тоа не ги спречува членовите на оркестарот приватно да бидат ангажирани и самостојно да музицираат надвор од институцијата, реагираат од Македонска филхармонија.
Според пишувањето на дел од медиумите, се работи за свадба на познатиот скопски бизнисмен Владимир Стајиќ, кој во неделата направи свадба во скопскиот хотел Мериот.
Наводно, тангото што го играле невестата Јулија и бизнисменот Стајиќ, со кое кое се отворила свадбата, „маестрално го извела Македонската филхармонија“.
Според пишувањето на „Убавина и здравје“, гостите на свадбата ги забавувале Ефто Пупиновски и балканските ѕвезди Ацо Пејовиќ, Цеца и Аца Лукас, додека Тамара Тодевска со Пејовиќ го изведоа дуетот „Поноч“ од автобиографскиот филм за Тома Здравковиќ.
„Одлично расположените гости, меѓу кои, нивни пријатели јавни личности, бизнисмени, естрадни ѕвезди, се забавуваа со македонска и српска музика како и поп и рок хитови, до раните утрински часови. Венчална кума во црква на Владимир и Јулија беше Ана Камчева, а старосватица Дина Смилковска, другарка од детство на невестата. Во матично, кум беше Стефан Стефановски, другар од детство на Владимир“, пишува порталот.