Три недели по смртта на Мемет Камбер, телото сè уште не е предадено кај роднините за да биде достојно погребано, информира денеска Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“.
Од „Ромалитико“ ги повикуваат сите политички и административни чинители до среда да ја решат состојбата и да овозможат достоен погреб на починатиот, а во спротивно, како што велат, на 16 јуни ќе се организира протест пред Собранието – институција од која исто така се очекува да ги донесе сите потребни измени на законите за во иднина да не ни се повторат вакви случаи.
Мемет Камбер, роден во 2004 година, почина на 24 мај годинава, поради сериозни компликации предизвикани од неоткриен дијабет. Мемет немал здравствена книшка ниту пак лична карта, а кога отишол во болница со туѓа здравствена книшка, веќе било предоцна.
„Мемет како сиромашно лице немал лична карта затоа што не можел да пријави адреса, бидејќи живеел во дом кој е дивоградба“, изјавија неодамна од „Ромалитико“, осврнувајќи се на тоа какви сè проблеми можат да произлезат од оваа состојба.
Од Институтот додаваат дека остварувањето на здравствената заштита е човеково право, а неможноста за пристап до здравствена заштита е прекршување на човеково право.
„Апелираме итно формирање на работна група во Владата која ќе работи на решенија и итно усвојување на потребните измени за пристап до лична карта и други документи“, се вели во соопштението.
Мета