Министерството за образование и наука (МОН) од Државниот испитен центар (ДИЦ) побара да се лоцира одговорноста меѓу учесниците во спроведувањето на државната матура за, како што наведува „направениот пропуст при полагањето на вториот екстерен испит по англиски јазик“. Преку Вибер апликацијата тестот беше испратен и така пробиен за решавање.
-Иако тестот не им бил достапен на учениците пред полагањето, односно истиот е споделен меѓу матурантите преку апликација за електронска комуникација за време на самото полагање, сепак, тоа е пропуст кој никако не требало да се случи и повлекува соодветна одговорност. По добивањето на информациите од ДИЦ, тие ќе бидат споделени со јавноста, соопшти МОН.
Од ДИЦ велат дека матурските испити се спроведуваат најпрофесионално, а најавија дека ќе бараат одговори од Државниот матурски одбор.
-За случувањата во однос на вибер-групата и споделувањето прашања и одговори за време на изведување на испитите ќе се дискутира на Државен матурски одбор, како највисок орган за реализација на државната матура. На состанокот, членовите на ДМО ќе се произнесат дали и какви санкции ќе има по сите инволвирани во нарушувањето на процесот на реализација на државната матура. Став на ДИЦ е испитот по Англиски јазик да не се поништи за сите оние кои ги почитувале правилата за изведување на државна матура, стои во дописот од ДИЦ.
МОН побарало од оваа година полагањето на испитите да се спроведува во поголеми простории во училиштата, како на пример во училишните сали и холови каде би биле сместени сите матуранти кои се пријавени за полагање државна матура и со присуство на повеќе тестатори и набљудувачи.
-Но, поради случувањата во ДИЦ, штрајкот на вработените непосредно пред датумите за спроведување на државната матура, тие не се случија. Така што, очекуваме промените да се имплементираат во следната учебна година, со што ќе се намалат ризиците од можни нерегуларности кои би ја довеле во прашање веродостојноста на резултатите, соопшти Министерство за образование и наука.