Филмот „Нешто слатко“ овој четврток и пред штипската публика.
Романтичната комедија во која главните улоги ги толкуваат веќе докажаните актерски имиња, Јелена Јованова – Периќ и Сашко Коцев ќе се прикажува во Летното кино со почеток од 20:30 часот.
Актерката, Јелена во изјава за Канал 77 вели дека филмот е навистина „нешто слатко“ како што кажува и самиот наслов. Таа вели дека немала јазични бариери и не ѝ било проблем да го одигра ликот на хрватски јазик со оглед на тоа дека една деценија живее во Хрватска.
Со Словенците се разбираме, жал ми е што ме најдоа многу касно и немавме многу време пред самото снимање бидејќи ликот беше планиран за Словенка и ќе ми беше вистински предизвик да научам словенечки. Поради времето коешто го немавме одлучивме Каја да биде Хрватка – изјави Јелена.
Таа додаде дека најголемиот предизвик било да се снима филм кој ќе биде независен и спонзориран само од неколку спонзори и да се истрае во тоа.
Имаше некое позитивно лудило и ентузијазам кај секој еден во екипата да го завршиме снимањето до крај. По премиерата на филмот во Љубљана, се убедив дека успеавме во тоа – додаде актерката.
Филмот е во режија на стенд-ап комичарот Тин Водопивец. Станува збор за збунувачка романтична комедија полна со преплети и забавна содржина. Кариерата на една организаторка на конференции е во рацете на маркетинг гуруто од Македонија кој го пропушта летот за Љубљана. За да избегне катастрофа, го заменува со еден локален слаткар кој изгледа исто како него.