Во болницата „Сан Рафаеле“ во Милано утринава, на 86-годишна возраст, почина поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, јавуваат италијанските медиуми.
Во април тој се лекуваше од инфекција на белите дробови поврзана со леукемија од која боледуваше извесно време.
Берлускони имаше низа здравствени проблеми во последниве години. Со години имаше пејсмејкер, имаше операција на срцето во 2016 година и го победи ракот на простата. Во 2020 година прележа и ковид.
Берлускони беше медиумски тајкун кој водеше три италијански влади меѓу 1994 и 2011 година, а неговата партија Форца Италија е партнер во сегашната владејачка коалиција.
Тој беше еден од најскандалозните италијански политичари, кој се врати во политиката во 2017 година и покрај кариерата извалкана со секс скандали, безброј обвинувања за корупција и пресуда за даночна измама.
Се ожени двапати и беше во врска со Франческа Паскале (37) седум години пред врската со 33-годишната Марта Фасина со која имаше „симболичен брак“ во март 2022 година. Берлускони има пет деца.