Со оваа порака Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ се огласи по претпладневниот состанок, а непосредно пред средбата Мицкоски – Ковачевски. Потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски по состанокот на највисокото партиски тело соопшти дека го овластиле претседателот Христијан Мицкоски да ги афирмира и одбрани овие позиции:
-Поаѓајќи од националните и државните интереси и запазувајќи го мислењето на огромното мнозинство на граѓани во државата, уставни измени под диктат и под околности кои се поразителни за Македонија не смее да има. Носењето на уставни измени во состојба кога е нападнат националниот и државен идентитет на македонскиот народ, кога се оспорува јазикот, историјата и културата не е никаков чекор напред, туку отворање на вратата за нови поразителни условувања и себеодрекување“, кажа Муцунски.
Опозициската партија смета дека поради лесните отстапки и штетните политики на власта, Македонија е во изолација.
„Измама е тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или за изолација. На оваа лидерска средба се одлучува или за уставни измени и национални порази или за одбрана на националното достоинство и националните интереси“, рече Муцунски.
Следните чекори, како што рече, треба да бидат предвремени избори.