Условни казни за поранешните директори на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски, изрече Основниот суд во Тетово. Парична казна од еден милион денари треба да плати болницата во процесот за пожарот во Модуларната болница во Тетово, во која загинаа 14 лица.
Бесими и Етеми не одговараа за причините за пожарот, туку за тоа дали имало поставено противпожарни апарати. Според судот, обвинетите не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар и со тоа предизвикале опасност за животот и телото за луѓето и пациентите болни од Ковид-19.
-Тие не постапиле според мерките и активностите од договорот за заем со Светската банка. Иако биле должни да имаат противпожарна опрема, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница, па сѐ до настанување на пожарот, немале соодветни уреди за заштита од пожар“, објави судијата.
Пред судот доктор Бобан Вучевски одговараше затоа што дозволил присуство на роднини во болничките соби, и покрај поставената забрана. Бучевски, кој беше дочекан со аплауз по излегувањето, рече дека е благодарен на правдата и на луѓето кои го поддржуваа.
-Голема благодарност за сите пријатели кои не дозволија да останам сам. Благодарност до адвокатскиот тим кој ме поддржуваше и ми даде сила да го спроведеме овој процес како што треба. Благодарност за правдата што излезе дека јас како доктор сум бил со вас, а сега уште повеќе ќе бидам со вас“, кажа Бобан Вучевски.