Стефани Гермоно (29) од Флорида пред една година ги отстранила и двете гради, иако немала канцер.
Таа објаснила дека од баба ѝ и од мајка ѝ ја наследила мутацијата БРЦА 1, па шансите да ѝ биде дијагностициран рак во текот на животот биле дури 87 отсто. За да го спречи тоа, таа направила двојна мастектомија, односно по хируршки пат ги отстранила и двете дојки. Иако лекарите инсистирале да ѝ вградат импланти, таа тоа го одбила.
Всушност, кога Стефани имала 15 години, нејзината мајка дознала дека е носител на мутиран ген кој води до појава на рак на дојка или на јајници.
„Мојата мајка беше позитивна на таквиот мутиран ген, а баба ми два пати имаше рак на дојка. Се тестирав кога имав 27 години и откако тестот беше позитивен, лекарите ми соопштија дека имам 87 отсто шанси да заболам од рак. Сепак јас тоа не го доживеав како смртна пресуда и веднаш одлучив да ги отстранам градите“, раскажала Стефани.
За разлика од повеќето жени кои ставаат импланти по отстранувањето на градите, Стефани тоа го одбила.
„Веќе имам син на осумгодишна возраст и моите гради си ја завршија својата работа, јас го доев моето дете. Многу мои пријателки имаа компликации по ставањето силикони, па јас сакав тоа да го избегнам“, додала таа.
Нејзината одлука ги изненадила и лекарите, кои ѝ сугерирале да размисли и да стави импланти за да биде „поженствена“.
„Добро размислив за сѐ, но заклучив дека многу поудобно ќе ми биде без гради. Не сметам дека дојките се симбол на женственост, ниту пак ми пречи што немам дојки. Јас лично никогаш не ги сакав своите гради, па одлуката за нивното отстранување не ми падна тешко откако дознав дека имам голема шанса да заболам од рак“, изјавила таа.
Стефани смета дека жените не треба да потпаѓаат под притисок на околината.
„Само затоа што општеството ја турка таа идеја дека градите се симбол на женственост, тоа не значи дека е точно. Не сум помалку женствена ако немам гради. Ми беше потребно извесно време за да се прилагодам, но сега се чувствувам подобро од кога било“, заклучила таа.
Хируршко отстранување на градите пред 10 години имаше и актерката, Анџелина Џоли за да го намали ризикот од канцер на дојка, кога токму од оваа болест почина нејзината мајка.
Извор: srecna.republika.rs