Со развојот на технологијата зачестија дезинформациите и лажните вести. Новите технологии како „меч со две острици“ им ја олеснија работата на новинарите, а во истовреме и ги принудија да се борат со обидите за пропаганда посилно од кога било.
Патот на дезинформациите и лажните вести до публиката им го олесни појавата на вештачката интелигенција. Таа пак, ги исправи новинарите пред предизвикот да бидат умешни и додека се борат против сè она што фрла сенка врз вистината, да ја искористат ваквата дигитална алатка за да ги анализираат општествените случувања и да го зачуваат интегритетот на професијата.
Вештачката интелигенција (ВИ) е создадена од човекот и само од него зависи како таа ќе се користи, а додека нејзината употреба зачестува ширум светот, професионалците од различни области ги „кршат копјата“ околу тоа дали и како таа може да влијае врз иднината на медиумите и треба ли тие да стравуваат од неа.
Англичанецот Чарли Бекет кој стои на чело на форумот „Полис“ за истражување и дебата за новинарството и општеството при Лондонската школа за економија вели дека вештачката интелигенција е само јазична машина, а не машина која ја кажува вистината.
„Да, таа може да биде употребена за ширење на лажни вести и дезинформации па останува на човекот да донесе одлука за тоа. Добриот новинар ќе ја употреби вештачката интелигенција само за да ја направи својата работа поефикасна, а лошите новинари ќе ја искористат за дезинформации. Вештачката интелигенција е создадена од човекот и човекот неа ја користи. Таа може да биде и среќна доколку создаде лажна вест затоа што таа не знае што е вистина на начин на којшто тоа луѓето го знаат“, смета Бекет.
Нови граници: слобода на печатот и медиумски иновации во ерата на вештачката интелигенција“ – тема на дискусија меѓу медиумските професионалци
Оттука, човекот може да ја користи вештачката интелигенција како и секоја друга технологија за да создаде точна и прецизна информација, или пак, преку неа да пласира дезинформација.
„Може да биде и пропаганда и лажна вест, но вештачката интелигенција не го избира тоа туку човечкото суштество е тоа кое избира дали ќе создаде добра информација или лоша информација“, потенцира Бекет кој беше еден од учесниците на Светскиот конгрес во Виена каде се дискутираше за слободата на медиумите и медиумските иновации во ерата на вештачката интелигенција.
Новинарите кои таму дојдоа за да дискутираат за новите предизвици во нивната професија, порачаа дека дезинформациите особено зачестиле со појавата на ковид пандемијата, а потоа и со војната во Украина.
Хрватската новинарка, Ана Бракус вели дека развојот на технологиите го прави ширењето на дезинформациите поевтино и поедноставно за разлика од претходно, па денес е лесно од нив и да се заработува.
„Тешко е да изберете еден извор. Постојат низа различни агенди во кои бројни личности се обидуваат да ги искористат незнаењето и стравот во нашите општества. Да ги искористат кризните ситуации за да остварат политичка или економска корист. Она што ние забележуваме дека честопати се случува е дека луѓето во нашето општество се во постојана потрага за точни информации. Во моментите кога не успеваат да дојдат до информации кои се точни, за жал, може да наседнат на информации кои се неточни. Често не поради лоши намери, туку бидејќи мислат дека работат нешто добро, учествуваат во ширење на тој круг на неточни информации“, вели новинарката од хрватскиот портал Фактограф.
Дека објавата на дезинформациите е поинтензивна во последните години се согласува и германскиот новинар Кристијан Јакоб. Според него, оние кои шират дезинформации се обидуваат да оспорат цели идеологии, да одат против Западот, против науката и против она што тие го нарекуваат „мејнстрим медиуми“.
Прашан како би можеле новинарите да се заштитат самите од неточните информации кои се пласираат, тој вели дека пред сè, треба да ги осудат.
-Една од техниките се разбира, е да ги осудат, да „водат евиденција“ за она што се случува, јавно да ги осудат луѓето кои стојат зад тоа – вели Јакоб.
Новинарката Бракус пак, додава дека дел од луѓето кои наседнуваат на дезинформациите не се ни свесни за тоа.
„Релативно често ситуацијата е таква што луѓето навистина не се свесни дека наседнуваат на некоја приказна и дека им се потребни алатки и знаења за да препознаат што е тоа што се случува околу нив. И тоа е она што ние го пробуваме, без никого да посрамотиме, без да мислиме дека сме најпаметни на светот, се обидуваме на луѓето да им дадеме точни информации и да бидеме за нив некое сигурно место“, нагласува Бракус.
И додека сè уште на дел од публиката ѝ е потребно повисоко ниво на медиумска писменост, сега се наметнува и потребата за писменост за вештачка интелигенција која може да биде моќна алатка како во рацете на пропагандата, така и во рацете на професионалните новинари кои сакаат да докажат дека треба да им се верува.
„Ова е нешто кое се чини дека би можело да биде многу корисно и не би рекол дека би можело да го замени известувањето како такво, но може да помогне во идентификувањето на дезинформациите и лажните вести“, порачува новинарот Јакоб од Германија.
Медиумите се само дел од полињата каде вештачката интелигенција зема замав и нешто за чија регулација размислуваат многу држави ширум светот. Како што претходно објавивме, ЕУ размислува да ја регулира преку таканаречен Акт на дигитални услуги, за што накусо информираше еврокомесарката Дуња Мијатовиќ.
„Ни треба механизам за заштита, поради недостигот на едукација и информираност. Јас секогаш ќе бидам за тоа да се постават стандарди и насоки кои ќе им помогнат на владите. Веќе има институции кои се занимаваат со овие прашања, но и на самите нив им треба едукација бидејќи е тешко да се најде баланс“, порача Мијатовиќ која беше дел од говорниците на неодамнешниот Конгрес во Виена во организација на Интернационалниот прес институт.
Настанот го следеа неколку македонски медиуми меѓу кои и Канал 77 во соработка со Институтот за комуникациски студии преку проектот ,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Вања Мицевска