Три недели по инцидентот со рамнењето на земјиште кај поликлиниката Бит Пазар, како што стои во обвинението со намера да градат паркинг, двајцата обвинети скопјани застанаа пред судијата, но само за кратко. За 5 јуни е одложено рочиштето на двајцата обвинети на возраст од 45 и 42 години, на кои им се суди за кривичното дело „узурпација на недвижности„, од став 2. Случајот е познат на јавноста, која беше шокирана од невидената смелост на овие двајца осомничени, кои преку ноќ дојдоа со градежна машина, го израмнија просторот што до тогаш служел како див паркинг и според Обвинителството имале план земјиштето да го употреби за градба или за користење, со тоа што имале намера да стават рампа и да наплаќаат за паркинг.
Интересно е образложението што по излегувањето од судницата го даде адвокатот што застапува еден од обвинетите , Драган Пешевски. Пред него тие објасниле дека биле револтирани од лагите и ветувањата што ги добиле од одредени политичари.
-Можеби знаете за која земја се работи, тоа е паркингот зад поликлиниката „Бит Пазар“ кој долги години служеше како див паркинг. Со претходни ветувања од страна на политичките партии, обвинетиот изреволтиран од нивниот однос, нема направено ништо друго, освен што ја има израмнето земјата. Ништо повеќе од тоа. Никаква градба, никаква наплата, никакви рампи кои ги споменува обвинителството. Ништо од тоа нема“, рече адвокатот Драган Пешевски.
Двајцата се согласиле да ја надоместат направената штета.
Според пријавата на МВР, двајцата сега обвинети со багер влегле на земјиштето во близина на поликлиниката Бит Пазар, тргнале дел од оградата на здравствената установа со намера да го узурпираат просторот и да изградат паркинг, за што немале добиено дозвола од Општина Чаир.
Полициските службеници ги приведоа Н. К. (44) и Ш. Д. (42), поради сомнение дека сториле кривични дела „Узурпација“ и „Бесправно градење“.