Образованието е клучна тема во општеството и треба да се подигне свеста за ова, па не само декларативно туку секојдневно да работиме на подобрување на овие процеси, не само кога ќе се појават проблеми. Ова го истакна денеска професор Д-р Кирил Барбареев пред промоцијата на неговата книга „Размисли за образованието“.
Тој вели се работи за книга која опфаќа секојдневни теми кои се постојано актуелни во нашиот образовен процес и кои треба да се подобруваат, односно се работи за интердисциплинарен пристап на поврзани теми со образованието – социологија, филозофија, педагогија, психологија итн.
Ова што сега се случува не е само последица на одредени состојби во образованието, туку последица на многу состојби во општеството. Ова што ни се случува во последниот период покажува дека одговорност не треба да се преземе само во образованието, туку и многу други институции како што е МВР, Министерството за труд. Ова се прашања кои се социјални, како го минуваат времето надвор од училиште, достапноста до алкохол и психотропни супстанции, какво е времето после 23 и 24 часот што е надвор од она што претставува ограничување за пристап за младите,
вели Барбареев
Запрашан за коментар во однос на последните анализи кои ги направи Антикорупциска, кои покажуваат дека над 60 отсто од учениците велат оти посведочиле “фаќање врски за оценки“, тој вели дека оваа ситуација не е од сега, туку се провлекува со децении. Концептот на оценување вели тој мора да се менува, бидејќи е стар над 40 години.
Тој концепт мора да се менува бидејќи денеска ако не сте одличен вие не можете да го продолжите образованието. Тука не се виновни само родителите и мора да бидеме внимателни со проценките. Реформите се занает и подобрувањето на образованието бара секојдневна, интензивна работа, надминување на суетите кои ние во академската заедница ги носиме. Станува збор за свесноста зошто постојат овие образовни институции, а тоа е заради децата,
потенцира професорот.