Двајца млади велешани на возраст од 20 и 21 година се уапсени, откако се обиделе да пуштат во промет фалсификувана банкнота од 1000 денари. При претрес, кај нив била пронајдена опрема за печатење на фалсификувани пари.
-На 22.05.2023, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода В.М.(21) и Д.Р.(20), двајцата од Велес. На пазарот во Велес тие се обиделе да купат производи со фалсификувана банкнота од 1.000 денари, но продавачот го забележал тоа и пријавил во полиција. Тие побегнале од местото, но по преземени мерки биле пронајдени и лишени од слобода, соопшти МВР.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нивните домови, при што во домот на Д.Р. биле пронајдени и одземени две фалсификувани банкноти од по 1.000 денари, скенер, принтер и компјутер на кој ги изработувале, додека во домот на В.М. биле пронајдени и одземени две фалсификувани банкноти од по 100 денари и една фалсификувана банкнота од 500 денари.
Како што соопшти МВР, во службен разговор во полициска станица тие го признале делото. По целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.