Фотографијата на двајца луѓе во центарот на Скопје, близу Веро, кои го отвораат гепекот на возилото и го сместуваат тротинетот на изнајмување, по се’ игледа не беше врв на вандалското однесување откако 500 тротинети беа ставени на располагање од турската компанија БинБин.
Социјалните мрежи се полни со фотографии и реакции на чудење и осуда. На една се гледа дека е изваден екранот. На друга, тротинетот завршил во вода во Градскиот парк. На трета, тротинет во контејнер. Некој го возел и го фрлил. Објавено е видео и на ТикТок.
Да, сите овие фотографии, освен една се од Скопје. И сите ќе го обиколат светот да се види односот на граѓаните кон електричните тротинети, кои за 9 денари минута може да се возат низ Скопје.
Директорот на турската компанија БинБин во Скопје Висар Дурак за ММС ги потврди сите фотографии како вистинити, дека се од македонскиот главен град, освен таа каде има тротинет на Болт, која е од Летонија. Сите штети се евидентирани и сторителите пријавени во полиција.
-Пријавени се и тие што украдоа тротинет и го ставија во гепек. Се гледаат на камерите и се препознаени. Се знае и кој оштетува, бидејќи апликацијата ги евидентира корисниците. На крај по користењето на тротинетот, се слика и се испраќа во системот и точно се знае кој како го зема тротинетот и како го остава по користењето, изјави Дурак за ММС.
Од петокот, кога на улиците на Скопје се оставени 500 електрични тротинети на користење, седум се тешко оштетени. Има и 4-5 полесно оштетени што по поправката се вратени во сообраќај. Дурак вели дека електричните тротинети така се изработени што тешко може да се украдат тркалата, а имаат ГПС кој реагира кога некој се обидува да ги влече. Тротинетот кога не се движи, при влечењето свири.
-Ова е за граѓаните. Нов, алтернативен сообраќаен систем, како и во многу други светски градови. Мене ми е криво дека овие фотографии ќе го обиколат светот и ќе видат како граѓаните на Скопје се однесуваат кон нив, изјави Дурак.
Турската компанија со системот на изнајмување на електрични тротинети работи во шест земји со 86 градови. Дурак вели дека сепак, Скопје не е прв град со ваков однос кон тротинетите, имало случаи насекаде, но добро е граѓаните да разберат дека ова е за нив и вандализмот не може да не биде откриен.
Во однос на пишувањето на родител, кој поради грешка во апликацијата продолжил да плаќа и како што вели, до 4 наутро го решавал проблемот со хелп дескот, Дурак вели дека разговарал со човекот и парите што дополнително му биле наплатени, апликацијата потоа сама му ги врака.
-Се гледа дека тротинетот мирува и дека се работи за грешка. Парите системот автоматски ги враќа, вели Дурак.
Компанијата БинБин минатата недела ја промовираше новината со изнајмување на тротинетите. Многумина сметаа дека се работи за нова, профитабилна дејност на Паркинзи на Град Скопје, „нов изум за пари на градоначалничката“, како што пишуваа некои, меѓутоа, ова е приватен проект, кој во договор со Паркинзи – Скопје ги користи јавните површини за паркирање на тротинетите.
В.К.