Политичките партии, 11 на број, меѓу кои и ГДУ на Петре Колев, Глас за Македонија на Солза Грчева, МОРО и други, со одлука на Влада сe запира исплата на средствата за редовно годишно финансирање од државниот Буџет.
Одлуката веќе стапи во сила со објавањето во Службен весник, со што почнуваат да течат роковите за реакција на овие 11 политички субјекти. Причината за прекин на државното финансирање, како што стои во одлуката, е поради тоа што партиите не доставиле извештај од регистар на примени донации, годишна сметка и годишен финансиски извештај.
За Горан Зафировски од партијата Македонска обедителна реформска организација – работничка партија беше новина оваа одлука, особено што како што вели, дел од овие документи се доставени до Централниот регистер.
-Извештај за донации не доставивме, затоа што немавме донации. Државното финансирање е за големите политички партии и малите со тајкуни како финансиери. Криминален е законот за финансирање на политичките партии, изјави Зафировски.
Зафировски го образложува ставот за „криминалниот закон“, бидејќи според него државно финансирање добиваат партии со политички бизнис, а не политички идеи.
МОРО како партија била дел од коалиција и како таква во 2016 година добила државни пари, но сега е сосема препуштена на себе.
Законот за финансирање на политичките партии предвидува средства во висина од 0,15% од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Македонија да оди за политичките партии и се планираат за секоја фискална година.
Член 10 од овој закон предвидува средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 30% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија да се распоредуваат подеднакво на сите политички партии кои освоиле најмалку 1% од вкупниот број од гласовите на избирачите кои гласале на последните одржани избори за пратеници во Собранието на ниво на целата Република, или на последните одржани локални избори во единицата на локалната самоуправа. Средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 70% што се обезбедуваат од Буџетотот, се распоредуваат на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници во Собранието на последните одржани избори за пратеници, сразмерно на бројот на избраните пратеници и на политичките партии чии кандидати се избрани за советници на последните одржани локални избори, сразмерно на бројот на избраните советници, предвидува законот.
Законот беше предмет на разговор и на првиот состанок на работната група за измена на изборното законодавство. Дел од челновите на оваа група, која вклучува и претставници на политичките партии, смета дека треба да има промени во начинот на финансирање на партиите, но и извештајниот дел и начинот на презентирање на податоците. Исто така, дискутабилно е и државното финансирање на медиумското претставување на партиите преку Државната изборна комисија, а со пари од државниот Буџет.
(В.К.)