Фотографии и видео со риби исфрлени на брегот на Дојранското Езеро во текот на вчерашниот ден се споделуваа по социјалните мрежи, со коментари кои упатуваат на тоа дека поради недостаток на вода во езерото, рибите останале на суво.
Фотографиите ги сподели поранешната пратеничка Силвана Бонева со прашање што се случува.
Меѓу коментарите има такви што критикуваат поради тоа што не е во функција системот за полнење на вода, други дека тоа е поради тоа што не е изграден колекторот, додека има и објаснување дека сега е време на мрестење и поради тоа се на брегот.
„Оваа се беловици (ситни рипчиња ) сега се мрестат, ако има бранови ги исфрла на суво и не можат да се вратат назад. Пред некоја год. пред хотел „Полин“ се случи истото. А критиките не се лоши“, е еден од коментарите во групата „Мојот Дојран“.
„Дојран изобилува со риба, ја имало и ќе ја има. Сликата со изумрените риби(белвици) ќе дадам објаснување, како најмала риба е лесна и се мрести во плитко, невремето ја исфрлило на обала и нормална и природна појава е да заврши како храна на птиците. Се работи за не повеќе од 20 кг. белвици. Секој искусен спортски риболовец од Дојран се враќал и со повеќе риба од постираните слики, а да не коментирам и колку риба се вади на мрежи. Затоа Ве молам не плукајте по нашите природни убавини, чувајте го Дојранското езеро, бидете реални, не СЕИРЏИИ“, е уште едно објаснување во коментарите.
Се обративме до Општина Стар Дојран, од каде соопштија дека се работи за лажна вест дека има помор. Според објаснувањето не се работи за помор на риби.
-Дојранското Езеро се наоѓа на задоволително ниво, односно котата изнесува 1 метар над нулта кота.Од друга страна, доколку таа навистина го познава и сака Дојран, ќе е информирана и ќе знае дека рибата во овој период од годината се мрести и таквиот приказ, (односно фотографиите кои таа ги приложила) не е невообичаена појава. Тоа добро го знаат сите Дојранчани, а особено старите и искусни рибари.Почитувани сограѓани, ве молам да не потпаѓате под влијание на евтината пропаганда пласирана за Дојран на дел од групите на социјалните мрежи, за кои замолувам и апелирам до админите на овие групи, пред да дозволат било какви шпекулации да бидат јавно објавени, истите претходно да бидат проверени, соопшти градоначалникот Анго Ангов.
фото: ФБ