Либерализацијата на пазарот на труд е потребна и за растечката ИКТ индустрија, било заклучено на денешниот работен состанок на вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.
Владината прес служба информираше дека на состанокот станало збор за прашањето за недостиг на работна сила на пазарот на труд, ситуација која не го заобиколува ниту сегментот на ИКТ индустријата, поради што од страна на претставниците на МАСИТ беше нагласена потребата од либерализација на пазарот на труд.
-Се соочуваме со структурни промени кои бараат прилагодување на вештините на граѓаните на потребите на пазарот на труд, само на тој начин може да се гради економија која ќе ги следи дигиталните можности кои се поставуваат пред неа и на тој начин да расте. Развојот на дигитални вештини кај економски активното население претставува добра основа за понатамошниот раст на ИКТ индустрија, но дополнителни развојни потенцијали ќе се добијат и со либерализацијата на пазарот на труд, истакнал вицепремиерот Битиќи.
На состанокот вицепремиерот бил запознаен со повеќе иницијативи и процеси на неформално образование кои се спроведуваат од страна ИКТ секторот во земјава, а кои се ставени во функција во кратки временски периоди да извршат преквалификување на работници согласно потребите на оваа растечка индустрија.
Вицепремиерот Битиќи истакнал дека дијалогот со претставниците на стопанските комори е важен во отворањето на теми кои се од суштинско значење за општеството.
-Мора заеднички да дојдеме до подобра позиција на домашните компании во процесите на дигитализација, во рамки на јавно-приватниот дијалог, нагласил вицепремиерот Битиќи.
Претседателот на Управниот одбор на МАСИТ, Илија Господинов истакнал дека со воспоставената комуникација преку Комисијата за јавно-приватен дијалог се добива висока вредност за сите чинители во овој процес за надминување на тешкотиите и предизвиците со кои соочуваат компаниите од ИКТ индустријата.
-На пат сме да го пронајдеме вистинскиот начин кој ќе даде резултат, преку повисоко ниво на формална комуникација и оперативни чекори ќе дојдеме до подобар дијалог и интеракција помеѓу коморите и Владата, посочил Господинов, притоа нагласувајќи ја потребата од олеснување и унапредување на административните процедури во делот на ангажирање на работна сила во ИКТ индустријата.