Земјотресот во 2.41 часот во Штип внесе паника меѓу граѓаните, особено меѓу тие што живеат во повисоките катови на станбените згради. Дел од граѓаните утрото го дочекаа во своите автомобили, во страв од нов потрес. По првиот земјотрес со интензитет од 3 степени, следеа уште три афтершокови. Посилниот се случи околу 3.30 часот на пет километри северно од Штип.
Професорот д-р Ѓорѓи Димов, декан на Факултетот за природни науки во Штип, вели дека во следните 24 часа можни се помали афтершокови. Сепак, Штип се наоѓа во средно трусно подрачје, каде не се очекуваат силни потреси.
-Штип е во релативно стабилно подрачје, иако не најстабилно. Не очекуваме овде да има силни земјотреси. Под нас е дебела земјина кора и според тектонскиот и сеизмичкиот реон, ние сме релативно безбедни. Не очекуваме земјотрес посилен од 4 степени, изјави професор Димов.
Според него, ослободената енергија не е голема за да предизвика посериозни штети, освен вознемиреност кај граѓаните.
Граѓаните веднаш по земјотресот почнаа да споделуваат информации од своите мобилни телефони, кои алармирале за потресот.
Не се памети кога последен пат имало посилен земјотрес во Штип. Поради тоа, за разлика од скопјани или регионот на Битола, Охрид, односно југозападниот дел, за штипјани овие три степени беа аларм за спиење во кола.