На очиглед на највисоки државни функционери, вклучувајќи и 8 премиери, се одвивал образовен процес во Штуловиот универзитет, без донесена Уредба за звања од страна на Владата. Кадри, како синот на Талат Џафери, добивале звања со 280 кредити, наместо со потребните 300 и на таков начин влегувале во институциите, како што е сега случајот. На ова не реагирал ниту Просветниот ниту Управниот инспекторат. Сите овие луѓе за овие 20 години, примале плата и користеле привилегии и сите придонеле за кршење на законот, тоа е ептен лошо управување и затоа нема владеење на правото.
Овие реченици се дел од револтираното искажување на Нури Бајрами, член на Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК), на денешната седница.
Бајрами, како баџанак на Талат Џафери, беше јавно прозван од пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ и од професорката Мирјана Најчевска, дека поради својата роднинска поврзаност, влијаел врз тоа, ДКСК да го отфрли предметот за Барлет Џафери, синот на претседателот на Собранието, како застарен. Со денови се бранува македонската јавност со откритието дека младиот Џафери, положил правосуден испит и се запишал на Академијата за судии и обвинители пред да го заврши Правниот факултет. Министерот за правда од редовите на ДУИ, Јашари го искористил своето дискреционо право и му дозволил на Барлет Џафери предвремено полагање. Во Министерството за правда ги нема не може да се најдат документите бидејќи се уништени.
-Штуловиот универзитет (каде дипломирал Барлет Џафери н.з.) почна со работа во 2001 година со 900 студенти, а после многу повеќе, а владата чиј член бил Антонио Милошоски ја донела Уредбата за звања дури во 2010 година. За тоа време, Штуловиот универзитет работел само врз основа на Закон за високо образование, без уредба и дојдено до тоа да се издаваат такви сертификати и се согласувам со одлуката на ДКСК дека нивото – звањето VII/1 не е рамно ни на 180 кредити, но не е рамно ни на 300 кредит, туку тоа е едноставно 240 кредити, рече Бајрами.
Тој беше револтиран од неговата јавна прозивка и рече дека се тоа тешки клевети и за него и за целата Комисија.
-За цело време никој не се сетил да преземе мерки против Универзитетот, бидејќи од тогаш се сменија 8 премиери, 11 министри за образование, 9 министри за правда. Не знам и колку директори на Државниот просветен инспекторат избрани на политичкиот пазар, со прекршување на законите. И никој не презема дејствие ова незаконско работење на приватни акредитран универзитети да се спречи. Сите се соучесници!, рече Бајрами.
Тој од своите колеги во Антикорупциска побара да поднесат кривична пријава.
-Препорачувам да ја направите листата на сите носители на власт – премиери, министри за правда и образование, директори на ДПИ, на Управниот инспекторат и на многу други институции и да се покрене иницијатива за кривично гонење, па нека се изјасни Обвинителството кој придонесол за вакви пропусти, беше дециден Бајрами.