Голем број сопственици и изведувачи на урнати згради во Турција се уапсени по ужасните земјотреси што ја погодија земјата и Сирија, оставајќи десетици илјади мртви.
Меѓутоа, турските медиуми денеска ја пренесуваат приказната за маж чии згради не биле уништени во земјотресите.
Тоа е изведувач, чиј идентитет турските медиуми се уште не го соопштуваат, а чии објекти, како што рече, не се урнати.
Говорејќи пред една од неговите згради, која го издржа налетот на земјотресот, тој рече:
-Додека градев, ми напишаа милијарди казни само затоа што мојата зграда не беше „фенси“. Сега се јавуваат и велат: „Ќе ти дадеме медал“. Ама се срушија овие „фенси“ згради, рекол тој.
Тврдеше дека се уште има изведувачки проекти и изјави дека столбовите ги изградил на цврст начин.
Според турската државна агенција Анадолу, најмалку 26 осомничени се приведени во врска со забележаните дефекти на зградите уништени од земјотресот во Малатија.