Според него, не може да се зборува за насилството како појава ако тоа не се разгледува паралелно со процесот на дигитализација и општо земено со сликата за тоа какво е менталното здравје на младите.
„Дефинитивно традиционалната асоцијација поврзана со насилство е физичката тепачка, но имаме и други форми на насилство како вербално насилство или навреди, а тоа лесно прераснува и во психичко насилство и може да биде многу опасно за жртвата. Овие форми на насилство може да се случуваат преку дигиталните алатки односно преку социјалните мрежи, па може да говориме и за сајбер насилството или сајбер булинг. Ова е зачестена појава меѓу младите бидејќи голем дел од денот го поминуваат на дигиталните уреди и многу нормално е дека ако тие се насилни во реалниот, физичкиот живот, би можеле да го префрлат насилството на социјалните мрежи“, додава средношколецот.
Некој ќе „потоне“, некој ќе стане насилник – Жртвите може целосно да го променат начинот на живеење
Тој апелира дека во образовниот систем треба да се организираат повеќе обуки на оваа тема, за младите да развијат вештини да го препознаваат насилството, но да се работи и со училишниот кадар и со училишните психолози.
„Треба и да се размислува и за тоа на кои начини би можеле да се проверат знаењата стекнати од тие тренинзи, односно да функционира како квалификација за да се работи со деца. Способноста и вештината да се препознае насилство, да се знае како треба да се пристапи во таа ситуација, е една од фундаментите на педагошката работа. Досега тие обуки биле само на хартија, треба да има механизам кој ќе ги мери и евалуира знаењата и способностите коишто посетувачите на таа обука (професорите или учениците) ги стекнале“, додава Павичевиќ.
Средношколецот потенцира дека стручните служби во и надвор од училиштата треба повеќе да работат со насилниците за тие да се рехабилитираат бидејќи насилникот и самиот бил жртва пред да го изврши насилството. Ова, според психологот Јовановска Стојановска е една од последиците по менталното здравје кои ги остава насилството.
„Жртвите се полни со срам, со чувство на вина, се намалува драстично самодовербата, се развива анксиозност и она што се случува во личноста е катастрофално. Целосно може да се смени живеењето. Некој може толку многу да се повлече и да не прави никакви избори, а со тоа да води затворен, депресивен живот. Некои од жртвите пак,стануваат агресивни кон светот околу нив за да се справат со она што се случува внатре во нив“, потенцира психологот апелирајќи дека агресијата раѓа агресија.
„Има два краја на една отсечка, во едниот некој може тотално да потоне или да стане агресивен како одговор на она што се случува околу него“, објаснува Јовановска Стојановска.
Со законски измени до поголем акцент на менталното здравје на учениците
Исто како и Павичевиќ, и таа укажува дека психолозите и педагозите во училиштата се „затрупани“ со административна работа, наместо да им помогнат на жртвите да ги надминат доживеаните трауми.
„Понекогаш имам впечаток дека психолозите се примени во училиштата затоа што така пишува во законот и дека тоа мора да се направи. Мислам дека МОН треба малку повеќе внимание да посвети на психолозите кои ги вработува. МОН и Бирото за образование би требало да водат многу повеќе грижа за да се оспособат тие психолози и да пружат соодветна професионална помош во одржувањето и превенцијата на менталното здравје“, вели претседателката на Комората на психолози. Според неа треба да се промени и легислативата.
„Моментално во законите се внесени само начините на кои може да се казнат оние ученици кои излегуваат од рамките со некое несоцијално однесување. Но никаде нема како да им се помогне на тие ученици. Не е доволно само ученикот да го смени училиштето затоа што и во новото училиште истото ќе го прави“, нагласува Јовановска Стојановска според која на овој начин, системот го збунува младиот човек.
„ Да, можеби направил нешто, но сигурно не станал таков затоа што сам од себе без никаква причина, значи нешто влијаело тој ученик да биде таков каков што е. Треба да имаме начини за да им помогнеме да имаат увид, да разберат зошто се казнети и како следниот пат би можеле да ги решаваат проблемите и дека агресијата не е решение. Со тоа што ги водиме од училиште во училиште, ние им помагаме да останат тоа што се“, додава таа.
И покрај ставовите дека заштитата од насилство треба почесто да биде тема на дискусија во училишните кругови, од МВР за ММС тврдат дека преку своите организациони единици за превенција во континуитет повеќе години наназад се реализираат превентивни активности со училиштата и учениците на различни теми особено важни за малолетната популација, вклучително и за насилството. За оваа појава токму во моментов активно се реализира проектот „Безбедност во училиштата” кој вклучува работилници, формирање училишни клубови за превенција, инволвирање на локалната самоуправа и друго – велат од Министерството за внатрешни работи.
Дигиталниот свет – најнебезбеден простор за децата
Додека искуството покажува дека на училишните психолози се гледа како на казнен механизам, а професорите предаваат и испрашуваат без да создадат емоционални врски со учениците, во прилог на ова говорат и податоците до кои дојде граѓанскиот сектор. Анализата на невладината Медиа плус покажа дека средношколците од Штип при злоупотреба и сајбер насилство за проблемот прво би им кажале на родителите, потоа на полицијата и на своите другари, а последно би им се довериле на наставниците. Анализата на Детската амбасада Меѓаши пак, нотира дека децата во Град Скопје најнебезбедно се чувствуваат на интернет (31,9 %).
-Согласно Анализата на спроведувањето на правата на децата 42,5 % од испитаниците сметаат дека има насилство во нивното училиште. На прашањето „кој облик на насилство е најчест помеѓу твоите врсници“, 25,7 % од учениците одговориле дека вербалното насилство е најчест облик, по што следи социјално насилство (исклучување од група/озборување) со 24,8 %. Трите најчести причини за насилство помеѓу врсниците се докажување на сила, љубомора и проблеми во однесувањето – соопштија од Меѓаши.
Оттаму информираа дека дел од проблемите со кои се соочуваат децата и младите од аспект на безбедност се немањето врсничка поддршка и солидарност, зголемување на врсничко насилство, како и меѓугенерациски пренос на насилство (повисоките класови кон пониските класови). Овие девијантни појави можат сериозно да го нарушат дигнитетот на децата, нивното чувство дека училиштата се безбедна средина за нивен престој, како и нивното ниво на самодоверба и социјализација со своите врсници.
Вања Мицевска