„Не успеав да одам да ја видам, но затоа ја натерав таа да дојде кај мене“, рече за ММС музичарот и макетар Маамер Фендин Абедин за Ајфеловата кула, неговото најново дело изработено од специјално изработени дрвца.

Маамер е велешки музичар, книжар, макетар во истовреме кој ужива во чалгијата, добрата староградска музика и народна песна. За себе вели дека е самоук кој свири на повеќе од десетина инструменти, а кога не свири или не работи во семејната книжарница, го троши слободното време на изработка на неверојатни макети.

Првата макета од хамер што ја изработил била џамијата султан Ахмед Паша од Инстанбул, а од кибритчиња го изработил Мало Мовче во Велес, пешачки мост во близина семејната книжарница.

– После малото мовче имав замисла што ќе направам. Ајфеловата кула беше предизвик на секој втор војник во ЈНА, но ја изработувавме од дрвца од кибрит. Почнав да ја работам на 25 мај годинава и оттогаш секодневно и посветував 3-4 часа. Го запоставив и свирењето поради неа. Во специјалното корито ги варев дрвцата за да се свиткаат за изработка на полукруговите. Врвот можев да го направам со антени, но ми дојде идеја за врат од гитара и тоа мислам дека и дава посебен шарм на кулата висока 180 сантиметри која на крајот ја осветлив – возбудено откри Маамер за своето ново дело „Ајфелова кула“.
Целта на Маамер не е да заработи од ова, туку да ги поттикне младите да не го минуваат цело време на социјалните мрежи и да размислуваат креативно и да си постават цел пред себе.
На велешкиот самоук уметник музиката му е прва љубов. Ансамблот „Распеани велешани“ годинава правеше 50 години јубилеј, а дел од нив е и Маамер кој е роден во истата година кога ансамблот се формирал.
– Бев воодушевен кога моите родители се дружеа со членови на велешките чалгии. Во тоа време имаше многу седенки, серенади. Јас имав десет години кога го слушав татко ми како свири на бузуки. Од мерак седнував сам да свирам. Слушав музика по терасите од рестораните и потоа ја вежбав. Прв инструмент ми беше гитарата, па бузукито на татко ми, па продолжив на џумбуш и на ут. Свирев и на македонска тамбура со две двојни жици, а со малиот инструмент прим почнав да свирам по рестораните – се присети Маамер.
Велешани не можат да се замислат без велешката чалгија за која своевремено слушнал и турскиот султан, а ниту без неа Маамер кој пред осум години направил етно оркестар составен од кавал, тамбура, контрабас, гитара и хармоника кој се вика “Сербес“ што на турски значи “слобода“.

– Свирам со чалгија, одам со “Распеани велешани“, но и со “Распеани пензионери“. Убаво ми е со нив. Велешки песни има многу, ги негуваме староградските песни. Јас сум таму најмлад, но убаво ми е на душата кога ќе си отсвириме и ќе отпееме некоја стара песна. Тие имаат многу материјал, знаат многу песни кои никогаш не ги слушнал народот и чест ми е да учам многу од нив – вели Абедин.
Нема жичан инструмент на кој тој не знае да свири, а колекцијата дома му е огромна. Иако постојано купува инструменти, реткиот џумбуш на кој свирел неговиот дедо му е најомилен.

– Сега купив виолина, но немам време да ја научам. Свирам на акустична гитара, бас гитара, електрична гитара, тамбура, прим, бузуки, лаута, ут, џумбуш… Сега во колекцијата го имам и џумбушот кој беше на мојот дедо, свирел на него своевремено и го продал на некој човек. Јас го најдов човекот и успеав да си го откупам. Си го вратив споменот на дедо ми назад– истакна Маамер кој во својата колекција има над 20 жичани инструменти, а меѓу нив се и рачно изработената тамбура од мајсторот Миле Бајдески од Кичево кој изработува инструменти за „Танец“.
Иако се Турци по потекло, семејството Абедин отсекогаш ја негувале македонската музика. По дедо му кој свирел на џумбуш и бил канет на секоја турска свадба во велешко, со музика се занимавал и татко му кој свирел гитара.
Орце Костов
Фото: Приватна архива на Маамер Абедин